Избрзано, погрешно владико!
Д-р Трајче Грујоски, редовен универзитетски професор
Повод „Демонски е да се бара самоизолација од нас“ од митрополит Агатангел, објавен во „Утрински весник“ од 20.10.2010
Се потврди дека дијалог може да водат само рамноправни. Во случајот мојот партнер не почитува ни елементарни правила. Имав чесна намера на г. Агатангел (Станковски) само да му предочам дека е недолично: да ја прескокнува уставната рамка што го означува континуитетот на одамнешното - на Господ господовото, на царот царевото и да се нурнува во политика и тоа на лош, недемократски начин. За жал, тој не само што се прави дека го разбира таквото мое писмо, туку се јавува со уште позапрепастувачки одговор - во текстот повика на помош демони што ги насочи против мене а утре, без око да му трепне, ќе рече дека не го сатанизирал соговорникот.
Имаме наш нов агностицизам. Под чест ми е да ги набројувам неговите неаргументирани обвинувања против мене, иако тој го знае библиското - не барај раска во окото на ближниот, туку извади ја суровицата од окото свое. А и не ми е ниво да полемизирам со него - тој, на пример, пишува за „македонската држава“, а не го спомнува нејзиното уставно име и тоа не дека не ја знае огромната разлика, меѓу тие два поима и бучно се мести за барјактар. Очигледно, и денес тој свесно сосем буквално го спроведува звањето владика наместо да се угледа на библискиот пастир. Затоа, се прашувам дали од него треба да го очекувам тоа што неговиот поранешен колега сега егзарх на собир на сите жители на едно битолско село, пред повеќе години, јавно им се заканил „ќе ви изречам анатема ако не гласате за кандидатите на партијата што ја преферирам“.
Меѓутоа, никако не можам и пред мојата совест не смеам да одмолчам две работи: прво-мојот патриотизам недвосмислено го потврдив кога требаше и нека се засрами што сега ми го става под прашање и второ - тоа што напишал дека „комунистички функционери“ вклучувајќи ме и мене кога бев претседател на Комисијата за односи со верските заедници им забранувале: „јавно да зборуваме за важните прашања поврзани со животот на МПЦ и на македонскиот народ“. Се извинувам за терминот ама морам да речам дека тоа не е само обична лага, туку е лага со опашка. И тој тоа добро го знае: кога и како е возобновена МПЦ, кога и како е прогласена автокефалноста на МПЦ, колку и кои владици на МПЦ беа хиротонисаи во тоа време, од кои пари беа изградени бројни храмови на МПЦ и каква улога во сето тоа извршија „комунистичките функционери“!? Ако подзаборавил нека види во архивите, а и во една моја книга за тоа какви горчила сум морал да голтам кога ќе го поставев барањето СПЦ да ја признае МПЦ, а се одговараше со „код нас СПЦ је одвоена од државе“. Јас и денес сум убеден дека ако тие „комунистички функционери“, не го стореа тоа што го сторија големо прашање е дали денешната МПЦ ќе ги имаше вредностите што ја красат. Затоа, пред Севишниот ќе се молам дедо владика да се потсетува на мудроста „нов бунар копај ама во стариот не плукај“. Впрочем, библиското гласи „Блажени нишчиј духом јегоже њихово царство небесное“. |