Груевски ги обвини известувачите од Брисел дека објавуваат невистини
Во интервјуто за МИА премиерот вели дека во неговиот став за името нема ни најмала промена
„Не постои никаква промена на мојот став поврзан со проблемот со името од оној што го имав пред изборите, за време на кампањата и кој е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Немам никаква, ниту најмала промена на ставот поврзан со проблемот со Грција околу нашето име. Се' што се шпекулираше низ медиумите, всушност, беше обид на моите противници за ова прашање да прикажат слика каква што тие посакуваат и подолго време предлагаат, било тоа да се политичари, аналитичари, новинари, уредници... Претпоставувам дека и во иднина ќе има вакви обиди, шпекулации и искривувања или намерни погрешни толкувања на моите изјави. Јас сум тој што бев, не сум го сменил ставот за ова прашање ниту, пак, имам намера да го менувам. Така, ова е порака и до нив. Колку и да се трудат да ја искривуваат вистината, колку и да се обидуваат да претстават лажно некои состојби, останувам цврст во мојот став, без разлика дали им се допаѓа тоа или не“, изјави премиерот Никола Груевски во вчерашното интервју за МИА, каде што појаснува дека неговите ставови за името се конзистентни и непроменливи. Исто така, во интервјуто Груевски нагласува дека тој и грчкиот премиер Костас Караманлис воопшто немале никаков обид да договорат или да одржат средба.
„Самити на Европската народна партија, каде што припаѓа и ВМРО-ДПМНЕ и партијата на Караманлис, се одржуваат на секои три месеци и речиси секогаш присуствувам на таквите самити, исто како и Караманлис. Ако некогаш оценам дека евентуална средба може да донесе добар резултат за Македонија, сам ќе побарам да се сретнам со него. Но, неговото сегашно однесување, неговите изјави, постапките јасно кажуваат дека таквата средба не би дала никаков ефект, освен да ги чуеме истите фрази кои, ако неговата земја не беше членка на ЕУ и на НАТО, сите европски и демократски држави јавно ќе ги оценеа за недемократски“, вели Груевски.
Според него, заклучоците на Европскиот совет воопшто не се толку тврди и, како што вели, „не кореспондираат со реалноста што ја сервираа некои новинари што известуваат од и за Брисел“.
Во голем дел од интервјуто премиерот ги критикува одредени дописници, колумнисти, аналитичари - без да им ги спомене имињата, кои „со години пласираат дезинформации од Брисел, повикувајќи се на анонимни дипломатски извори и манипулираат со граѓаните“. „Би сакал да упатам порака до сите оние што се сомневаат дали Македонија ќе успее и кои сеат страв наоколу инспирирани исклучиво од лукративни цели, односно веројатно од јахти или други мотивациони средства: Македонија веќе успеа. Сега тоа не е веќе прашање, сега треба да престанат да се сомневаат во сопствената држава и во сопствениот народ и да почнат да веруваат во сопствената иднина“, вели Груевски.
Премиерот секое доаѓање на посредникот Метју Нимиц го гледа како шанса за прогрес и со сериозност ги анализира сите негови предлози и размислувања. (П.Р.) |