Дора Бакојани и Мара Попара во нашиот парламент

Пратеничката Анета Стефановска привлекува внимание со интонацијата, специфичниот говор и со гестикулацијата

Оливера Војновска

„Госпоѓо Дора Бакојани“! „Госпоѓо Дора Бакојани“! Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стефановска, завчера во Собранието за време на расправата за Извештајот на европската комисија, неколку пати го изговори името на поранешната шефица на грчката дипломатија. Но, да нема забуна, не се случило некакво чудо - Бакојани ја немаше во македонскиот парламент. Стефановска вака му се обрати на својот колега, пратеникот од СДСМ, Игор Ивановски. И не само на Ивановски. На истиот начин таа и' се обрати и на својата сограѓанка, битолчанката Весна Бендевска, убедена дека таа и Ивановски „ги штитат интересите на Атина“.

Пратеничката Стефановска вели дека на социјалдемократите им се обраќала на таков начин, бидејќи била револтирана од нивните критизерски и неконструктивни настапи. „Дискусиите на пратениците од СДСМ беа спротивни на интересите на Македонија и тоа сакав да им го кажам во симболична смисла“, ни рече таа. Потоа направи споредба со настапите на парламентарците од СДСМ и на оние од ЛДП. „Видете како настапуваат СДСМ и какви се нивните дискусии - само критикуваат. Никогаш не настапуваат со аргументи, туку постојано навредуваат. И пратениците од ЛДП Роза Топузова-Кареска и Андреј Жерновски се остри во дискусиите, имаат жестоки настапи, но од нив никогаш не сме слушнале навреди и омаловажување. Затоа така им кажав на Ивановски и на Бендевска, како опомена за да се поправат“, додава Стефановска. Според неа, гледајќи го однесувањето на сите пратеници, во дрскоста и ароганцијата предничела Бендевска. „ Мислам дека Весна го носи бајракот, ама тоа е нејзиниот стил“, ни вели таа. Напоменува дека нема ништо лично во релациите со Бендевска и дека имаат сосема нормална комуникација надвор од собраниската сала. „Ние не сме во лоши односи, се сретнуваме и во Битола и во Собранието, комуницираме и понекогаш пиеме кафе“, додава Стефановска.

Според Бендевска, која во настапот на Стефановска ја препозна Мара Попара (од некогашната популарна хумористична серија на Македонското радио „Хихирику“ на Иван Карадак), границите на убавото однесување ги поминала токму Стефановска. „Не само со мене, таа се расправа со сите пратеници. Не може да се спротивстави со аргументи, нема што да каже и тогаш напаѓа. Мислам дека во прашање е домашно воспитување, јас веќе воопшто не комуницирам со неа“, ни рече Бендевска. До неодамна се поздравувале, но по една собраниска комисија за пописот, решила да ја игнорира. „На седницата на Законодавно-правната комисија имав повеќе реплики, а таа изгледа немаше трпение да слуша, па и' рече на пратеничката Благородна Дулиќ:’ Исклучи ја, да не станам да ја исклучам засекогаш! ’ Тоа навистина изгледаше многу примитивно“, вели Бендевска.

Пратеничката Стефановска го привлекува вниманието со репликите во парламентот најмногу поради интонацијата, специфичниот говор и гестикулацијата.

За време на собраниската расправата за смена на спикерот Трајко Вељаноски, Стефановска имаше оригинално обраќање кон шефицата на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова: „Мајко, сопруго, бабо, свекрво, што е проблемот со тебе, што е таа агресивност да тепаш мажи по Собранието како координаторка на пратеничката група“.

Пред неколку месеци ја посоветува претседателката на Советот за евроинтеграции, Радмила Шекеринска (која тогаш беше во поодмината бременост): „Доста збориш мори, оди раѓај!“

На седницата посветена на интерпелацијата на министерот за финансии Зоран Ставрески, на пратеникот Горан Минчев од СДСМ му препорача: „Почитуван колега, за ваков говор се оди на алко-тест, еве дури работи амбулантава овде. Или, пак, треба да мислиме дека во Собраниево, не дај Боже влегол дворски шут“!

Експремиерот Владо Бучковски од СДСМ во една пригода од говорницата констатира дека е беспредметно да и' реплицира на Стефановска. „Несреќо една! Што да реплицирам со тебе. Па, ти не знаеш дали британскиот амбасадор е машко или женско“, и' рече Бучковски, потсетувајќи ја притоа на гафот со поранешниот британски амбасадор, Ендру Ки. Имено, Стефановска во една реплика до Иванова ја обвини опозицијата дека ја кодоши власта кај странски дипломати: „Вие ја кодошите Владата кај британската амбасадорка“!


#