18.09.2012, 16:04
СДСМ: Владата преку институциите се пресметува со неистомислениците



Преку државните институции власта се пресметува со политичките неистомисленици, обвини денеска СДСМ, посочувајќи на злоупотреба на судството и на селективен пристап во владеењето на правото.

Според СДСМ, потврда за ова се последните случувања со штрајкот во здравството и поставувањето табли на училиштата во општината Чаир.

„Ако во Македонија имаше демократско општество и владеење на правото, таблите на училиштата во Чаир досега ќе беа извадени, бистите ќе беа вратени, а прекршителите казнети. Од друга страна, министерот за здравство, Никола Тодоров, наместо да ја троши целата своја енергија во формирање паралелни синдикати и злоупотреба на институциите и судот за да го спречи штрајкот, ќе се потрудеше да седне на маса со лекарите и преку договор со нив ќе ја постигнеше својата цел“, рече Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

Тој обвини дека власта ги искористува институциите и се користи со недемократски методи за да ги зачува своите функции. (П.Р.)