Грците ќе го менуваат и името на лезбијките

Брисел - По обидите да ги смени името на нашата држава, на нашиот јазик и нација, Атина доби уште поголема амбиција, обидувајќи се деновиве да ги принуди сите претставнички на геј-заедницата да престанат да се нарекуваат лезбијки. За таа цел во Атина почна судски процес што го предводат жителите на островот Лезбос, кои бараат да им се заштити правото на идентитет и припадност, бидејќи вака како што стојат сега работите не смеат да кажат од каде се и кои се, а тоа да не добие сексуална конотација. „Горд сум што сум Лезбошанец“, беше паролата на жителите на Лезбос, кои тврдат дека интернационалната доминација на зборот и неговата сексуална конотација претставуваат прекршување на нивните човекови права, покрај тоа што стануваат предмет на меѓународен потсмев. Судскиот процес е насочен кон претставниците на организациите за заштита на правата на хомосексуалците, а намерата е ним да им се забрани во иднина да го користат името на островот како знак за сексуалното определување. Спорот добил такви димензии што лезбијките на островот се жалат на зголемено непријателство кон нив, а тоа се заканува да влијае и на намалување на туристичките приходи. Досега грчката туристичка политика беше да ги охрабрува туристите од овие групи, па Лезбос стана симбол на лезбијките, а Миконос оаза на хомосексуалците од спротивниот пол. (С.Ј.)