Предизборни разрешувања во државните институции

Разузнавачи, командири и претседатели на комисии се разрешени во меѓупартиските пресметки во предизборието

Даниела Трпчевска

Командирот на сообраќајната полиција во Скопје, Тихомир Панчевски, пред десетина дена бил шокиран кога в раце му било доставено решението за негова итна смена од работното место. Одлуката за прераспоредување на нови работни задачи содржела многу кусо и веќе познато образложение: „сменет поради подобрување на службата“.

Панчевски, кој веќе 25 години е на раководни позиции во областа на сообраќајот, сега е деградиран на пониско скалило. Прераспределен е на ново работно место на аеродромот во Петровец, како водич на сектор!

„Ќе одам во Петровец и ќе си ја одработам казната“, помирено вели Панчевски, не сакајќи да го коментира решението на раководните структури во полицијата, кои токму пред пет месеци го потпишале и решението за негово поставување на местото командир на сообраќајната полиција.

Панчевски не е единствениот кој падна како жртва во предизборниот вител што ги зафати речиси сите институции во земјава. Во изминативе десетина дена, како што се дознава неофицијално, смени се случиле во Бирото за јавна безбедност и во Управата за разузнавање и контраразузнавање, но и во военото разузнавање, каде што со потпис на министерот за одбрана, Лазар Еленовски, се прераспоредени разузнавачи со долгогодишно искуство.

Додека нашите извори изразуваат загриженост што разрешувањата се случуваат во деликатен период за безбедноста на земјава, надлежните во МВР и во Министерството за одбрана смените ги толкуваат како редовна „реорганизација заради поефикасно работење“.

„Сите кадровски распоредувања се прават во функција на зголемување на резултатите и подобрување на ефикасноста во работењето. Таквата политика на поставување луѓето на работни места каде што ќе дадат најдобри резултати, ќе продолжи додека јас сум министер, зашто мојата крајна цел е успешно работење на МВР“, вели за „Утрински весник“ министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Смените во Министерството ги објаснува како потреба да се „распоредат луѓето на позиции каде што ќе дадат најдобри резултати за кои се оспособени“. „Секогаш се води сметка за претходно остварените резултати и за она што се очекува по поставувањето на новата позиција на припадниците на полицијата“, тврди Јанкулоска.

Во особено деликатна ситуација во којашто се наоѓа земјава, пред демаркацијата на границата со Косово, но и под притисок да се реши долгогодишниот спор со Грција за името, разрешен е Тоше Кошиновски од военото разузнавање, човек кој 28 години е во разузнавачките води и чија специјалност се состојбите на Балканот.

Со тоа, оценуваат познавачите на состојбите, се нанесува сериозен удар на разузнавачката мрежа и се ослабнуваат позициите на земјава, бидејќи човекот кој всушност располага со најголем број информации и сознанија за состојбите во регионот, се поставува на ново работно место - соработник за настава на Воената академија, позиција која не одговара на неговото долгогодишно искуство и знаење. Ваквите тврдења не се без основа ако се има предвид богатото работно досие на Кошиновски. Тој во минатото беше началник во ДБК, долги години работеше и во Агенцијата за разузнавање, а смената го затече на позицијата началник во военото разузнавање.

Познавачите на оваа проблематика оценуваат дека со смената ќе се ослаби разузнавачкиот тим, кој и онака работи во многу отежнати услови, со минимум финансиски средства и кадровски проблеми. Нашите соговорници се загрижени што ваквите разрешувања се случуваат во момент кога на земјава и' е неопходна огромна будност за да се справи со безбедносните ризици кои надвиснуваат.

„Смената во военото разузнавање е резултат на внатрешни промени во службата, каде што во тек се реф��рми согласно стандардите на НАТО. Поради специфичноста на овој сектор, подетаљни информации за причините за прераспоредувањето не можат да се соопштат во јавноста“, вели портпаролот на Министерството за одбрана, Захарие Вулгаракис, додавајќи дека смената е направена по препорака на директорот на военото разузнавање.

Од предизборниот вител настрада и претседателот на Првостепената комисија за денационализација надлежна за општините Охрид и Ресен, Славко Лазовски. Без никаква најава му било врачено решение потпишано од страна на министерот за финансии, Трајко Славески, дека е разрешен од претседателската функција. Решението за смена на Лазовски, кој на претседателската функција беше 14 месеци, му било доставено додека одржувал седница на комисијата.

Од Министерството за финансии тврдеа дека главна причина за разрешувањето на Лазовски била подигнување на нивото на ефикасноста и ажурноста во охридската комисија од чие работење во ресорот за финансии не биле задоволни. Разрешениот Лазовски работеше на повеќе сложени предмети за денационализација, како, на пример, враќањето на имотите на сопствениците во автокамповите „Градиште“ и „Елешец“, потоа вилата на Лазо, вила „Лепа”, во која е сместена Дебарско-кичевска епархија и други.

Извори кои сакаат да останат анонимни, тврдат дека смените најверојатно се резултат на внатрепартиски превирања во владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но и кај нивниот коалициски партнер НСДП, кој најавува дека ќе го замени таборот со кој ќе настапи на изборите. Така, дел од смените се толкуваат како резултат на борба за превласт меѓу двете струи во ВМРО- ДПМНЕ (една која стои зад премиерот Никола Груевски, додека во другата струја се потиснатите кадри на владејачката партија).

Што се донесува до промените на кадрите во одбраната, се шпекулира дека во време на предизборието, струјата блиска на министерот Лазар Еленовски од важни позиции ги отстранува кадрите кои се сметаат блиски на Тито Петковски. „Се' е ставено во функција на предизборието, бидејќи е можно некој да се плаши дека тие луѓе имаат клучни информации во своите раце кои би можеле да бидат искористени во нечии партиски цели“, коментираат извори од Министерството за одбрана.