Двесте деца во еден автобус на садење дрвца
Некои директори и наставници не воделе сметка за тоа што децата стоеле речиси едно врз друго
Снежана Калабакова
Автобуси со по двесте деца, натискани како сардини во конзерва, на Денот на дрвото тргнуваа од пред некои скопски училишта за да стигнат на локациите за садење дрвца. Во автобусите што имаат капацитет да превезуваат по 100 патници децата не можеле ни да дишат, а многу од нив без малку ќе колабирале. Не водејќи сметка за тоа дека на автобуската платформа нема игла каде да се фрли и дека децата си стојат едно врз друго, некои директори и наставници, како и многу пати кога се организираат екскурзии, и овој пат потфрлија во организацијата на превозот.
Несериозниот однос кога е во прашање превезувањето деца се потврди и неодамна, на „Златно славејче“, кога наставничка од Куманово заборави дете во Универзална сала во Скопје. А еве сега, за акцијата за садење дрва, првите луѓе во некои училишта дозволија нехуман транспорт на учениците како да се производи.
Родител чие дете е ученик во Основното училиште „Љубен Лапе“ во скопската општина Аеродром вели дека во автобусот во кој во петокот било и неговото дете, се возеле деца од осум одделенија, седмоодделенци и осмоодделенци. Со учениците биле и четворица наставници. Децата, за да засадат дрвца, натискани патувале до ’Ржаничино.
„Невидено лошо искуство“, вели родителот и додава дека ова не се случува прв пат. „Секогаш кога се организираат екскурзии до поблиски дестинации наставниците и директорите не можат да предвидат колку автобуси им се потребни. Ќе ги испотат децата и ги враќаат настинати“, се жали овој родител.
Јулијана Николиќ, директорката на ОУ „Љубен Лапе“, не сакаше по телефон да разговара за случајот. Но, таа нагласи дека нашите информации се неточни и дека во автобусот немало цели паралелки со ученици, а со нив имало осуммина наставници. Правдајќи се со итни состаноци, Николиќ само рече дека нема што да се дискутира за превозот на учениците. Според неа, доволно било тоа што таму пред тргнување контролирала и полицијата.
Од организацијата на „Ден на дрвото“ тврдат дека и самите биле сведоци како во скопското село ’Ржаничино, стигнале четири-пет автобуси преполни со основци. Затоа самите реагирале, за децата на враќање да се обезбедат повеќе автобуси. Организаторите тврдат дека строго воделе сметка околу организацијата на превозот уште додека се планирала акцијата.
„Со свои очи видов четири-пет автобуси кога преполни со деца стигнаа во ’Ржаничино. Се шокирав, полудев и веднаш реагирав. Тоа беше толку нехумано и нечовечки. Затоа лично побарав да се пуштат повеќе автобуси за децата да не се враќаат стиснати како сардини. Секое дете заслужува огромно внимание. Не смее да се случи кој било да качува многу деца во еден автобус, затоа што водевме сметка за тоа и кога ја подготвувавме акцијата. Не смее така да се постапува со децата“, истакнува оперскиот пејач Борис Трајанов, еден од организаторите на „Ден на дрвото“.
Координација се правела и на самиот ден, бидејќи во некои училишта имало намален интерес, а во други зголемен за учество во акцијата.
Од ЈСП „Скопје“ тврдат дека биле многу флексибилни и одговарале на барањата на училиштата. Мишо Николов, директорот на ЈСП „Скопје“, вели дека за Денот на дрвото биле ангажирани 150 автобуси, со капацитет за сто патници, но претпријатието било толку флексибилно што на училиштата, како што е „Зеф Љуш Марку“, им пратиле возило плус.
Од Министерството за образование се децидни дека во училиштата координацијата ја имале директорите. За настанатите ситуации со превозот одговорноста ја префрлија на директорите. „Директорот е координатор на превозот и тој треба директно да се координира со координаторот од општината. Во случајов вината паѓа на директорот, бидејќи тој треба да организира се'“, изјави Горан Галевски, портпаролот на Министерството за образование.
Вработените од МВР велат дека биле задолжени само за јавниот ред и мир и за безбедното одвивање на сообраќајот. Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавноста во МВР, нагласи дека дека ресорот со свои луѓе партиципирал во координативното тело на „Ден на дрвото“. Но, вработените имале обврска и околу обезбедувањето јавен ред и мир на почетните и крајните дестинации, како и безбедно одвивање на сообраќајот.
Колку и каква била безбедноста на двесте деца во еден градски автобус кои тргнале во хумана мисија е прашање за дискусија.
Од организацијата на „Ден на дрвото“ се вџашени од начинот на кој биле превезувани дел од учениците и велат дека никогаш повеќе не смее вакво нешто да се случи. (Сн.К.) |