Босна и Херцеговина во шок по масакрот во Високо

Босна и Херцеговина трет ден е во шок по петочниот масакр во местото Високо кај Сараево кога 40-годишен маж без никаков повод со нож уби три лица, а рани осуммина, меѓу кои и пет деца. Здравствена состојба на ранетите се подобрува. Високо прогласи Ден на жалост. Убиецот Недим Фејзиќ бил душевно болен, а имал проблеми и со алкохолот. Сега е во болница, бидејќи бил повреден при давањето отпор на полицијата, кога се обидувала да го уапси.

Стравотниот инцидент се случи во петокот вечерта кога Фејзиќ во видно алкохолизирана состојба, со месарски нож ја убил 35-годишната сосетка, која ја начекал во нејзиниот куќен двор. Потоа, влегол во куќата и го заклал 74-годишниот свекор на првата жртва. Потоа излегол надвор и започнал со крвавиот поход, прободувајќи ги сите што му наишле на патот. Усмртил 40-годишен маж, а ранил осум лица, меѓу кои и пет деца, а најмалата жртва има само една година. (Г.А.)


#