Мислења
Сиромаштија во сто чекори
Гордан Георгиев
Премиере, оставете се' друго, ајде да разговараме малку за сиромаштијата, работава е ептен дојдена до коска
ОЧИ ШИРУМ ОТВОРЕНИ
Додека нашиве се дават во нивната неспособност да одржат барем минимум дипломатско достоинство во Њујорк, нашиот народ се дави во сиромаштија. Бидејќи бившиот боксер веќе никој не го прима отаде Табановце, сега му преостана да шутира на празен гол на новотворено фудбалско игралиште во Штип. И да промашува, се разбира, како што промаши по сите магистрални политики од кои зависи иднината на нашата држава.
Многу е интересно дека Груевски никогаш не зборува за сиромаштијата во Македонија. Секоја тема му е омилена, ама за оваа молчи. Бега ли човекот од оваа тема, има ли психолошки проблем да дискутира по ова горливо прашање што ја достигна својата срамна кулминација во четирите години од неговото владеење? Или, можеби, тоа прашање не ги засега премиерот и неговото опкружување?
Можеби не ја гледа сиромаштијата кај нашиот народ кога на секое сечење лента е опкружен од истите луѓе што немаат проблем со сиромаштијата. Е, па јас ја гледам, и тоа секојдневно. Само изминативе десет дена во различни пригоди можевме да видиме до каде е дојдена ситуацијата.
Искрено, силно ме потресе минатонеделната сцена на Камениот мост во Скопје кога на народот му се делеше бесплатен појадок. Знам, знам, Коце бил во Париз и ја позајмил идејата оттаму. И не мислам дека тоа е лоша идеја. Но, од каде да знае Коце дека во Скопје има толку многу гладни луѓе, кои крволочно ќе навалат на ексклузивната трпеза. Коце не знае, бидејќи и тој верува во големата лага дека народот убаво живее четири години по Преродбата. И ете, единствена мисла што ми прелетува деновиве е дека оваа власт го доведе народот на питачки стап, така што сега секоја фрлена коска на истиот тој народ изгледа како печено прасе со јаболко во устата на предновогодишна ноќ. Се прашувам, можно ли е и ова да е смислена политика креирана во подземните ходници на владејачката партија?
Пред некој ден на вести ја гледав исповедта на мајката чиј син починал од церебрална парализа, а таа нема пари да го закопа, бидејќи државата пред некој месец ја укинала социјалната помош за закопнина. Истовремено, Владата ќе и' префрли повеќе од половина милион евра на Општина Ѓорче Петров за градење споменик на големиот македонски јунак. А граѓаните на Ѓорче Петров знаат дека таков споменик веќе има, ама општинарите, веројатно, тврдат дека таквиот Ѓорче не бил доволно голем и не бил на коњ. Кутриот Ѓорче, кутрите ние!
Потоа бев во Неготино на традиционалниот панаѓур што се прави секоја година. Неготинци велат дека народот е толку осиромашен што организирањето на каков било панаѓур ја губи целата смисла. Лозарите се и натаму неисплатени и им претстојат нови проблеми со откупот на грозјето. Се уверив и самиот - на панаѓурот имаше огромен број преполни тезги каде што се продаваат чорапи, женска долна облека, тенџериња, палачинки, сувенири. Се уверив и дека речиси никој ништо не купуваше. Луѓето само поминуваа и гледаа. Можно ли е на нашиов народ и панаѓурите да му стануваат луксуз?
Минатата недела директорката на основното училиште во Пробиштип самоиницијативно ја прогласила саботата за работен ден, бидејќи дента премиерот требало да отвора некакво игралиште. Било згодно да има повеќе луѓе на отворањето. Пораката е пратена: дајте му игри на народот, леб нема ни за леб.
Во меѓувреме, дознав дека на голем број од социјалните случаи им се заканувале дека ако излезат на протест или трибина ќе им ја секнат социјалната помош. Да, да, токму оние илјада денари што повеќето од нив ги добиваат месечно, и тоа со задоцнување. Се вцрвив од помислата дека, веројатно, и јас би се уплашил да излезам на таков протест кога тие илјада денари навистина живот значат. Секако, се' дури не ми пукне филмот.
На крајот, ги прочитав ветувањата наведени во Преродбата во свеченото поглавје наречено „Македонија - земја на еднакви можности за сите“.
Дневни центри за бездомни лица, социјални сервиси за стари и изнемоштени лица, зголемување на мрежата на старски домови и дневни центри за стари лица, повластена стапка на данок за детска облека, обувки, опрема, храна и хигиенски производи за деца. Ветиле покривање на најголем дел од трошоците за сместување во предучилишни установи, бесплатни оброци, облека и други потреби за децата што живеат во сиромашни семејства. Се' бисер до бисер, напишано - неостварено. Ете затоа молчат. И затоа толку натежнал Камениот мост во Скопје.
Бидејќи за конструктивните предлози на опозицијата за овозможување услови за поттикнување на домашните инвестиции оваа Влада не сака да разговара, редно е да ги прашаме и да кажат за што сакаат да разговараме? Нека кажат кои се најважните теми во државата?
Според активностите на премиерот и неговата свита, најважните теми се отворањето тениски и фудбалски игралишта, градењето споменици и поставувањето јарболи. СДСМ не мисли така. Кога секој трет човек во државата официјално е прогласен за сиромашен, ние мислиме дека тоа е темата број 1 во Македонија. И затоа на таа тема ќе бидеме до крај конструктивни и ќе се обидуваме заеднички со власта да создадеме подобри услови за да се намали тој број на сиромашни граѓани. Ако власта не сака да не' послуша нас, нека ги прегледа повторно снимките од очајот на луѓето на Камениот мост и нека излезе малку меѓу својот народ да види како тој живее. Сите други теми и наводни заложби на оваа Влада се една голема лага. Во сиромаштијата е вистинита.
Премиере, оставете се' друго, ајде да разговараме малку за сиромаштијата, работава е ептен дојдена до коска.
(Авторот е потпретседател на СДСМ) |