Поглед

Нон - стоп лидер

Слободанка Јовановска

Македонија пак стана лидер во регионот, и тоа не само во ЕУ, туку и во НАТО. Вчера во Скопје се одржа состанок на Јадранската повелба, за која сите мислевме дека веќе не постои, бидејќи од сите земји во неа без членство остана само Македонија. Испадна дека нашата држава повторно е фаворит меѓу кандидатите, бидејќи Црна Гора и БиХ само што добија статус во Партнерството за мир, па не ни се некоја конкуренција.

Вчера Македонија официјално „напредна“ и во Европската унија откако во заклучоците на министрите за надворешни работи нашата земја како кандидат за членство не се најде во групата со Хрватска, Турција и Исланд, каде што беше претходно, туку во групата на Западен Балкан. Напредна, бидејќи од сите земји аспиранти за членство во ЕУ, Македонија е отидена најнапред, односно веќе пет години има статус земја-кандидат, а Србија нема ни потпишано Спогодба за асоцијација и стабилизација, додека Црна Гора штотуку доби кандидатски статус. Македонија пак е лидер во регионот, бидејќи место последна меѓу кандидатите за членство, стана прва меѓу кандидатите што немаат ни кандидатски статус и Косово што нема ни формален државнички статус.

Уште од времето на Агендата 2000 ни стана јасно дека Брисел не го прави редоследот на земјите тука-така и дека враќањето на Македонија во групата на Западен Балкан не е географска, туку политичка порака за земјата. Станавме лидер, ама на земјите со далечна европерспектива во Унијата, на чекор до тоа да станеме лидери на оние што имаат проблематична иднина во однос на евроинтеграцијата. Вака како што сме тргнале во остварувањето на стратегиските цели на државата, или ќе бараме да се смени значењето на зборот лидер или ЕУ и НАТО да формираат посебна група за нас за да не мораме постојано да се враќаме на почеток.


#