01.04.2012, 19:38 Политички молк за маневрите на „Топлификација“
Политичарите ќе го чекалат новиот правилник за парното, па дури потоа ќе реагираат, а тогаш веќе може да биде предоцна
Соња Маџовска Сања Наумовска
Новиот правилник за користење на парното греење кој го крои Регулаторната комисија за енергетика предизвика лавина реакции кај потрошувачите, но не и кај политичарите. Тие ќе чекаат да го видат новиот правилник, па дури потоа ќе реагирале. А тогаш веќе може да биде доцна.
Варијантите за новиот правилник што излегоа во јавноста предизвикаа огромен револт, бидејќи се во прилог на „Топлификација“, а не на граѓаните. Тоа значи дека оној што ќе се исклучи од парното ќе мора да плаќа и натаму 50 отсто од сметката, за да не се префрли трошокот кај соседот. Она што е уште пострашно е за оние што допрва размислуваат за излегување од мрежата на „Топлификација“, а нив ги има многу, тие тоа воопшто нема да можат да го сторат поединечно, односно тоа ќе може да се направи само доколку станарите од цела зграда се согласни да преминат на друг начин на греење.
Потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, смета, или се надева, дека можните варијанти за новиот правилник се само пробен балон со кој се испитува мислењето на јавноста пред да се донесе одлуката.
„Би сакале да видиме конкретно каква одлука ќе биде донесена. Она што сега циркулира низ јавноста и што предизвикува реакции кај граѓаните се три можни варијанти, што во оваа фаза не се доволно образложени за да можеме да влеземе во дискусија. Мислам дека тоа е пробен балон со кој се испитува мислењето на јавноста пред да се донесе одлуката. Доколку Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која ’Топлификација‘ ќе може да им наплатува на граѓаните кои се исклучени од мрежата 50 отсто од сметката, тогаш за тоа ќе треба да имаат дебело образложение“, вели Јовановски. Тој смета дека треба да се погледне и надвор, дали постојат во светот вакви слични искуства, па да направиме споредба.
„Очигледно е дека ’Топлификација‘ не остварува финансиски резултати, па сега треба со ваква наплата на средства од граѓаните да се покрива. Сепак, за тоа ќе треба да има темелно образложение. Во спротивно, ќе предизвика силни реакции бидејќи од одлуката се засегнати многу домаќинства, речиси целиот град. Во секој случај, кога ќе излезе конечната одлука ќе го кажеме нашиот став“, вели Јовановски.
И пратеникот Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ излезе со образложение дека во моментов немаат на што да реагираат. „Ништо конкретно всушност не сме виделе за да можеме да го коментираме. Несериозно е во оваа фаза да се коментира со што всушност само ќе се исполитизира темата, која воопшто не е политичка, туку го засега стандардот на граѓаните. Сите се грижиме и се трудиме граѓаните да имаат подобар стандард, но ако кажуваме став во овој момент, тоа е чисто политикантство. Темата е сериозна и секако дека ќе имаме реакција, но таа не треба да биде базирана на гласини. А сега во моментов во јавноста има само гласини и граѓаните реагираат, всушност, на гласините. Кога ќе биде донесена конечната одлука, се разбира дека ќе го кажеме нашиот став“, смета Димовски.
Додека политичарите чекаат да ја видат конечната верзија на новиот правилник, тешко дека само острите реакции на потрошувачите ќе ги премислат членовите на Регулаторната комисија да донесат правила кои и' одговараат само на „Топлификација“.
Досега реагираа само Организацијата на потрошувачи која испрати писмо до Регулаторната комисија, во кое бара објаснување за тоа какви правила подготвува за корисниците на парно греење. А по жестоките реакции во јавноста реагираше и Народниот правобранител, од каде што по сопствена иницијатива беше покрената постапка. И тие упатиле барање до „Топлификација“, да им даде објаснување за какви измени на правилникот се работи.
Пра��ниците веќе се изјаснија дека евентуалната одлука на Регулаторната комисија за енергетика со која граѓаните ќе мораат да плаќаат половина од сметката за парно и во случај да го раскинат договорот со „Топлификација“ е противуставна и незаконска. А незаконска е и втората варијанта, да им се скрати можноста на граѓаните да се исклучуваат од системот, со која практично им се ограничува слободата на избор на кој начин ќе го затоплуваат сопствениот стан.
Според сегашниот правилник, корисниците на парно можат да се исклучат само надвор од грејната сезона, односно од 15 мај до 30 август, а доколку поднесат барање надвор од овој рок, тоа може да им биде разгледано на добра волја на снабдувачот.
Инаку, на корисниците на парно кои деновиве сакаа да се исклучат од системот им беше укажано дека може да го сторат тоа, но откако ќе се донесе новиот правилник за топлинска енергија, за што ќе мора да плаќаат 50 отсто од сметката, без разлика што нема да користат греење од мрежата за парно греење. За исклучување од системот на парно греење цените моментно се движат од 2.500 денари па нагоре, исто како и за повторно вклучување на мрежата. |