Вицепремиерот Боцевски имал само 2.000 денари и 20 евра!

Во вториот мандат се зголемува бројот на уметничките слики во посед на Груевски, и тоа од 18 на 25

Катица Чангова

Вицепремиерот за евроинтеграции, Ивица Боцевски, има само 2.000 денари на денарската платежна картичка и 20 евра на девизната кредитна картичка! Овој податок за имотната состојба на потпретседателот во Владата на Никола Груевски вчера го објави Државната комисија за спречување на корупцијата на својата Интернет-страница www.dksk.org.mk. Другите ставки што ги пријавил Боцевски во имотниот лист се однесуваат на неговата сопруга и на децата. Така, станот од 68 квадрати во Скопје и автомобилот „мицубиши“ се заведени на името на сопругата на вицепремиерот.

„Утрински весник“ пишуваше за недопустлива неажурност на Антикорупциска комисија кога станува збор за информации што се однесуваат на богатствата на јавните функционери. Сега тоа е поправено. На веб-страницата каде што сега може да се прочита содржината на новите имотни формулари кои ги доставиле членови на Владата и на Собранието.

Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, е единствениот член на Владата кој не пријавил имотна состојба. Антикорупциската комисија објавува анкетни формулари за 21 актуелен министер, меѓу нив не е министерот Стојановски, како и на 10 поранешни министри кои се законски обврзани да дадат отчет за имотот и по заминување од функцијата.

По добивањето на вториот премиерски мандат, во поседот на Никола Груевски се зголемува бројот на уметничките слики. Наместо 18, во најновиот анкетен лист во посед на премиерот се 25 уметнички слики вредни 430.500 денари. Се разбира, туку се и бројните девизни и денарски картички со различни суми, ама се чини дека на претседателот на Владата најомилена банка му е НЛБ Тутунска банка.

Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура, пријавила благородни метали во износ од 1,8 милиони денари, што е речиси еднакво на 30.000 евра.

Нејзиниот колега по функција, министерот за одбрана, Зоран Коњановски, запишал дека поседува благородни метали од 60.000 денари, околу илјада евра. Коњановски има заеднички стан од 54 квадрати во Скопје што е во изградба, а вози „опел вектра“.

Стан од 80 квадратни метри во Косово, но не се знае во кој град, пријавил како личен имот министерот за локална самоуправа, Муса Џафери. Се' друго е на име на семејството.

Министерот за финансии, Трајко Славески, на свое име пријавил куќа во Охрид и „пежо 308“ од 2008 година. Уплатил 250.000 денари за купување гаража. Стоте евра и 40.000 денари во банка му се заеднички имот.