Атина незадоволна од „промакедонскиот“ предлог на Нимиц

Грција е најнезадоволна од делот на предлогот на Нимиц кој се однесувал на „македонскиот јазик и етникум“

Тамара Грнчароска

Атина е разочарана од последната рунда разговори за името поради „сетот од идеи“ што ги презентираше медијаторот Метју Нимиц пред преговарачите од двете страни во спорот - Грција и Македонија. Грција е најнезадоволна од делот на предлогот на Нимиц кој се однесувал на „македонскиот јазик и етникум“. Според македонските известувачи од Њујорк, неофицијално се дознава дека Нимиц понудил сложена процедура на потврда на јазикот и нацијата како македонски, со што, наводно, тој сакал да им излезе во пресрет на македонските барања за гарантирање на идентитетот, но и да избегне да ја доведе Грција во непријатна ситуација.

Засега и двете страни официјално молчат за последниот предлог на Нимиц, со слични дипломатски одговори, дека откако ќе ги добијат целосните информации од преговарачите за она што се случувало во Њујорк, ќе се направат анализи, забелешки и одговор на предлозите, за кои Нимиц побара да се разгледуваат во пакет.

Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од грчкото Министерство за надворешни работи, објави дека Атина е „сериозно загрижена“ по последните предлози од Нимиц. Загриженоста на грчката страна е најмногу поради вклучувањето на прашањата за македонскиот јазикот и нацијата во пакетот идеи, што во Атина се толкува како „промакедонски“ предлог. Иако уште во Њујорк, како што наведува „Катимерини“, грчкиот преговарач Адамантиос Василакис реагирал дека Грција не може да прифати употреба на изразите „македонски јазик и нација“ и инсистирал на употребата на „славомакедонци“ и пишување на јазикот „македонски“, но со латинично писмо, впечаток е дека грчката страна се врати незадоволна од Њујорк најмногу поради тоа што тие две прашања воопшто се вклучени во пакетот на Нимиц.

Дека е така покажа и реакцијата на најголемата опозициска партија во Грција, ПАСОК, која ја обвини владата на Костас Караманлис дека дозволила разговорите за името да се „прошират“ на други неповрзани теми. Портпаролот на ПАСОК за надворешна политика, Андреас Ловердос, ја обвини владата дека „не успеала да спречи застранување на преговорите кон неприфатливи предлози, вклучувајќи ги и последните идеи на Нимиц“.

Според неофицијални извори, последниот предлог на Нимиц, содржи сугестии за име на нашата земја кои би ги содржеле географските одредници „северна“ или „горна“.

Македонската страна во преговорите во Њујорк, претставена преку преговарачите Никола Димитров и шефот на Кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, веднаш ги отфрлила предлозите на Василакис како неприфатливи за Македонија. Василакис на својата одделна средба со медијаторот, која уследила по заедничката, му го пренел на Нимиц грчкиот став дека македонската страна го задржува високопровокативниот став во преговорите, додека „Грција покажува добра волја за решавање на спорот со името“.

Василакис во Њујорк имал средба и со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, кој од грчкиот преговарач побарал објаснување за одземените права на Македонците од Егејска Македонија, на што Василакис му презентирал информации дека во грчкиот регион Македонија „живее мала група луѓе кои зборуваат идиом кој е различен од грчкиот јазик, но тие се чувствуваат како Грци и ги имаат сите права како и другите грчки граѓани“. Бан Ки Мун, како што објави А1, на Василакис му најавил дека ОН, согласно својот мандат и обврски, кога се во прашање основните човекови права, детално ќе го анализира овој случај.