Иванов математички пресмета оти имаме право над името Македонија
Претседателот Ѓорге Иванов во Германија ја бранеше двојната формула за името Соња Крамарска
Цементирање на ставот за двојната формула, актуализирање на цифрата од 126 држави што ја признале Македонија под уставното име и математички анализи на правото над името „Македонија“ - се сублиматот од дипломатската офанзива што ја презема претседателот Ѓорге Иванов изминативе денови во германската престолнина Берлин во врска со спорот околу името.
Во интервју за Македонската редакција на Дојче веле и во обраќањето во фондацијата „Конрад Аденауер“, претседателот Иванов рече оти „не може да се откажеме од признавањето од страна на 126 држави кои не' признаа како Република Македонија“. „Не може да се откажеме и од други 30 држави со кои имаме билатерална комуникација како Република Македонија. Тоа е усвоено право. Затоа и не звучи сериозно грчкиот став околу името кое ќе важи за сите и за сите употреби ерга омнес. Затоа, инсистираме на двојната формула“, вели Иванов.
Македонскиот претседател додаде оти смета дека „така функционира светот отсекогаш“. „Меѓународните принципи воспоставиле одреден меѓународен поредок што сакаме да се почитува. Така, како земја, очекуваме ист пристап и од Грција“, рече тој.
Иако Грција е зафатена со избори, одговор на ставовите на Иванов пристигна експресно и тоа од Берлин, од грчкиот амбасадор Тасос Криекукис. Како реплика кон ставовите на македонскиот претседател, Криекукис рекол дека мора да се заштити името на грчката северна провинција Македонија. Тој возвратил со обвинување дека властите во Скопје ги трујат гласачите со споменикот на Александар Велики и со именувањето на стадионот според Филип Втори. „Тоа труе, тоа е отров, гласачите се трујат со таква атмосфера“, налутено изјавил грчкиот амбасадор во Берлин, чија реакција ја пренесоа телевизијата А1 и Македонската информативна агенција (МИА).
Претседателот Ѓорге Иванов во Германија се обиде во дуел да го убеди грчкиот амбасадор, и германските домаќини, дека постои и математичка логика нашата земја да го задржи името Република Македонија. „Јас имам решение за името. Македонија - 39 проценти, Грција - 51 процент. Затоа што нашата територија е 39 проценти од целата област Македонија, но ние сме 100 проценти Македонија. Вие сте само пет проценти Македонија од вкупната територија. Па, сега проценете кој има право на името Македонија“, рекол Иванов. Тој го прашал Криекукис зошто Грција не реагира на поставениот споменик на Филип Втори во Пловдив, Бугарија.
Претседателот на Македонија направи преседан во десницата, каде што политички припаѓа, јавно признавајќи дека Владата на премиерот Груевски спроти Самитот на НАТО во Букурешт дала согласност за прифаќање на името Република Македонија (Скопје). Такво признание, и покрај прозивките од опозицијата, владиниот врв досега одбиваше да даде, бидејќи не е во тон со нивните ветувања до избирачкото тело дека нема да и' попуштат на Атина.
„Во Букурешт го прифативме предлогот на Нимиц ’Република Македонија (Скопје)’ или да влеземе во НАТО со привременото име ’Поранешна југословенска република Македонија’, но и тоа не беше доволно за Грција“, рекол Иванов.
Иако македонскиот државен врв официјално одбегнува да се произнесува за рокови за решавање на спорот, а од сите страни пристигнуваат предупредувања дека тој ја загрозува иднината на земјата, Иванов од Берлин првпат соопшти и дека не се само парламентарните избори во Грција пречка да продолжат преговорите, туку и претстојните избори за претседател на Грција, во март.
„Компромисот е како танго, потребни се двајца. Сега решавањето на проблемот повторно се одложува поради парламентарните избори во Грција идниот месец и претседателските напролет, в година“, вели претседателот.
Изборната кампања кај нашиот јужен сосед е во полн ек, но овде во Македонија спорот околу името останува во фокусот поради наближувањето на роковите кога Европската комисија треба да се изјасни дали ќе и' додели на нашата земја датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Агенциите вчера јавија дека прашањето за името е можно да се разгледува на минхенската безбедносна конференција. Тоа на претседателот Ѓорге Иванов му го понудил претседавачот на конференцијата, Волфганг Ишингер. Ишингер рекол оти не може да вети успех, но дека е важно да се понуди форум што ќе дискутира за овој проблем.
|