Скопскиот Менхетeн се урна од 100 ката на 40

Турскиот холдинг „Џеваир“ нема да ја искористи можноста за изградба на облакодери од 125 ката

Деспина Трајковска


Наместо стокатници во Аеродром, ќе се градат четири четириесеткатници. Турскиот холдинг „Џеваир“ од Истанбул, кој го купи плацот за изградба на стокатниците за 1,6 милиони евра, нема да ја искористи можноста да изгради облакодери високи до 125 ката. Откако од компанијата ги „снимиле“ условите на теренот, одлучиле да инвестираат во поскромни објекти, иако урбанистичкиот план предвидува изградба на таканаречен скопски Менхетeн. Се очекува изградбата да започне по новогодишните празници.

Градоначалникот Ивица Коневски вели дека Турците периодов обезбедуваат машини потребни за геомеханичко испитување на теренот, а истовремено се подготвуваат да ја почнат и процедурата за добивање градежна дозвола.

„Верувам дека целата постапка ќе заврши во скоро време, оти станува збор за навистина сериозна компанија со реноме, чиј влез во Аеродром ќе ја означи досега најголемата инвестиција од оваа сфера во нашата општина, но и во Скопје. Станува збор за проект вреден речиси 200 милиони евра, од кои општината ќе инкасира околу 1 милион евра само од комуналии“, вели Коневски.

Според градоначалникот, скопскиот Менхетн ќе го сочинуваат, генерално, станови, но и значителен дел деловни простории, а Турците планираат да градат и трговски центар. Зградите ќе имаат 40 ката, иако ДУП-от дозволува изградба на висококатници високи дури до 125 ката, но обврзува да не се пониски 33 ката.

Трусното подрачје на Скопје, како и условите за изградба на потребната инфраструктура биле дел од главните причини од кои од „Џеваир“ не се одлучиле да изградат толку високи објекти. Според нивните анализи и од досегашното искуство во градење, утврдиле дека просторот предвиден за градба, меѓу бензинската пумпа „Макоил“ и касарната „Гоце Делчев“ е идеален за четири четириесеткатници. „Снимањето“ на условите на теренот беше една од причините зошто веднаш по лицитацијата за земјиштето, од компанијата не кажаа што и колку планираат да градат. Ибраим Џеваир, сопственик на холдингот, единствено изјави оти е убеден дека тоа ќе бидат згради досега невидени во Скопје и во Македонија.

Инаку, компанијата „Џеваир“ во своето шеесетгодишно постоење има изградено неколку хотели со пет ѕвезди, фабрики и трговски центар во Истанбул, а свои објекти има и во Либан и во Саудиска Арабија. Влезот во Македонија го најавува токму преку општината Аеродром, регистрирани преку фирмата „Турк-Мак“.

Сопственици на наменското земјиште станаа по пат на лицитација на која за еден квадрат понудија 4.700 денари, што беше само за 100 денари повеќе од почетната утврдена цена. Земјиштето, практично, доби сопственик во вториот обид за отуѓување, и тоа по половина година откако прв пат беше понудено на лицитација, но тогаш немаше заинтересирана компанија што би инвестирала во досега невидениот проект за Скопје.


#