ВМРО-ДПМНЕ слави победа
Владејачката партија објави дека коалицијата „За подобра Македонија“ освоила 55 пратеници наспроти 39 на опозициската коалиција
Оливера Војновска
Партијата на премиерот Никола Груевски синоќа по трет пат прогласи победа на парламентарните избори и веднаш по прес-конференцијата во Домот на АРМ организираше прослава на плоштадот во Скопје. Еден час пред полниќ ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека освоило повеќе од 55 пратеници наспроти СДСМ, кој добил 39 пратенички места. Од опозицискиот табор излегоа со поразлични податоци. Според СДСМ, разликата во гласовите со ВМРО-ДПМНЕ е помалку од 50.000 гласа. Изразено во пратенички мандати, тоа е девет. Инаку, набрзо по затворањето на гласачките места, владејачката партија почна да ја слави победата во Скопје. По улиците низ главниот град кружеа автомобили со вклучени сирени и развиорени знамиња.
Првичните информации говорат дека на вчерашните вонредни парламентарни избори дебакл доживеа ЛДП, а крахираа и помалите партии во десницата. Партиите на Љубе Бошкоски, Љупчо Георгиевски, Филип Петровски и на Стојанче Ангелов не успеаја да ги поматат сметките на доминантната партија во десницата.
Инаку, синоќа ДУИ прва прогласи победа. Портпаролката на интегративците, Ермира Мехмети, малку по 22 часот соопшти дека ДУИ има 53.830 гласа, ДПА - 30.727, НДП - 13.360 и НД - 9.973 гласа.
Од обработените податоци од гласањето, 68,26 проценти од вкупниот број избирачки места, според првичните неофицијални информации на Државната изборна комисија, на предвремените парламентарни избори води коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 254.298 гласа, зад неа е СДСМ со 207.635 гласа, ДУИ има 67.668, ДПА - 33.456, Национална демократска преродба - 16.667, ВМРО-НП - 16.436, Обединети за Македонија - 9.594 гласа, Нова демократија - 11.669, ЛДП - 8.621.... Главните политички партии од власта и од опозицијата, и од македонскиот и од албанскиот блок (освен ДПА, која има забелешки за изборни нерегуларности), оценија дека изборниот ден, главно, минал во мирна атмосфера и без поголеми инциденти.
На овие избори излезноста е околу 64 отсто. Тоа е највисок одѕив по првите парламентарни избори во 1990 година (84,82 процента) и оние во 2002 година со одѕив од 73,4 отсто. За одбележување е тоа што најмалиот одѕив е забележан во албанските средини - во Шестата изборна единица.
По изборни единици, одѕивот во Првата изборна единица бил 66,4 проценти. Во Втората изборна единица излезноста била 62 отсто, во Третата - 72,8 отсто, во Четвртата - 73,8, во Петтата -53,1 и во Шестата изборна единица била регистриран најмал одѕив од околу 42 отсто од регистрираните избирачи.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, соопшти дека не добиле некои посериозни известувања за евентуални проблеми или тешкотии во одвивањето на гласањето. „Тоа значи дека целокупниот изборен процес, генерално, се одвива мирно, коректно, гласањето е слободно, граѓаните слободно излегуваат и тајно гласаат“, оцени Кондарко. Тој информираше дека до 17 часот, од 93 отсто од избирачките места од кои имаат податоци, на гласање излегле речиси 53,86 отсто од граѓаните, односно гласале речиси 929 илјади граѓани. Најголем одѕив до 17 часот има во Третата изборна единица - 61,23 отсто, а најмал во Шестата изборна единица, односно 42,3 отсто.
За гласањето во дијаспората, кое се одржа завчера, ДИК извести дека во Седмата изборна единица, што ги опфаќа Европа и Африка, гласале 53,35 отсто од регистрираните избирачи. Во Осмата изборна единица - Северна и Јужна Америка, гласале 68,21 отсто од регистрираните гласачи, а во Деветтата изборна единица, односно во Азија и во Австралија, на избори излегле 77,82 отсто од регистрираните избирачи. За тројцата пратеници од дијаспората, кои првпат влегуваат во македонското Собрание и се избираат според мнозинскиот модел, во трите изборни единици во странство беа поднесени вкупно 19 кандидатски листи, за кои може да се изјаснат 7.258 македонски државјани што се пријав��ја за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва. Инаку, од 36 избирачки одбори што заминаа во странство, 20 веќе се вратени во Македонија, а 16 треба да пристигнат во наредните два дена.
Завчера гласаа и 2.222 лица кои се во притвор или на издржување казна затвор, 407 внатрешнораселени лица, како и околу 11.000 болни и снемоштени.
На вчерашните вонредни парламентарни избори право на глас имаа вкупно 1.821.122 граѓани евидентирани во Единствениот избирачки список, кои на 2.976 избирачки места можеа да се изјаснат за 18 листи со 1.679 кандидати.
Парламентарните избори ги следеа 7.851 набљудувач акредитиран во Државната изборна комисија, од кои 7.358 домашни и 493 странски.
Набљудувачите на граѓанската асоцијација „Мост“ регистрирала нерегуларности, како што се фотографирање на гласачките ливчиња на самите избирачки места (во Кисела Вода, Бутел, Кавадарци), за да имаат потврда пред партиите за кого го дале гласот - на гласачки места.
И на овие избори се забележани случаи на семејно гласање во Гостивар, во Струга. Во Шуто Оризари една политичка партија организирано со возила носела гласачи. Поради неажуриран избирачки список во скопски Аеродром и во Битола некои граѓани не можеле да си го најдат гласачкото место.
Во Канцеларијата на Народниот правобранител биле доставени околу 60 пријави на граѓани за повреди на избирачкото право. Уранија Пировска, портпарол на Народниот правобранител информира дека околу 70 отсто од јавувањата се однесувале на граѓани кои не можеле да го најдат избирачко место на кое треба гласаат. Во Битола на неколку места е забележано агитирање пред избирачки места. Ова е забележано и во избирачка единица во Кичево. Во Куманово, Радовиш и во скопската општина Ѓорче Петров, како што рече Пировска, каде пред одредено избирачко место на граѓаните им биле нудени прехранбени продукти за да гласаат за одредена политичка опција.
Странските медиуми со внимание ги следеа изборните случувања кај нас, посочувајќи ги како приоритети евроинтеграцијата и економското заживување на земјата. (О.В.)
|