Постои ли континуитет од античка Македонија до денес?
Книгата на професорот од Торонто, Ендру Росос, опфаќа период од цели 6.000 години
Постои ли континуитет од античка Македонија до современата македонска држава? Каква е улогата на ВМРО? Што донесоа балканските поделби? Зошто Македонија беше второстепен партнер во југословенската држава? Дојдено ли е време за помирување со соседите и за затворање на отворените прашања? На овие и на многу други провокативни прашања поврзани со идентитетот и нацијата се обидува да даде одговори книгата на професорот од Канада, Ендрју Росос, која по само две години од првото издание на англиски јазик, ја доживеа и својата македонска промоција.
На вчерашната промоција, организирана и финансирана од Институтот отворено општество Македонија, која побуди голем интерес кај историчарите, делото на Росос, насловено „Македонија и Македонците“, секој од учесниците на дебатата го читаше на свој начин.
Некој во него најде континуитет, кој само ја менувал формата низ историјата, други сметаа дека авторот на моменти не прави динстинкција меѓу Македонците и македонските Словени, трети, пак, дека му недостига антрополошки приод и посовремено користење на историографијата. Но, без оглед на различните оцени и читања, преовлада ставот дека станува збор за исклучително интересна и значајна книга. Или, како што рече промоторот, историчарот Иван Катарџиев, „книгата на Росос дава можност за ослободување од митовите и од идеолошката оптовареност“. А, историчарката Ирена Стефковска ќе забележи дека таа на странецот може да му ја раскаже „македонската приказна“. (Г.Д.) |