Младенов не сака да слушне за малцинства

Не сум човек што би ја условувал Македонија за поддршка во ЕУ, вели бугарскиот министер

Бугарскиот шеф на дипломатијата Николај Младенов го отфрли барањето на Македонија во идниот договор за пријателство да има дел што ќе се однесува на македонското национално малцинство во таа држава. Тоа е тема, според Младенов, околу која Софија ќе одбие да разговара и уште повеќе од тоа - тема која, ако се отвори, тогаш нема што повеќе да се разговара со македонската Влада.

„Она што им го кажав многу јасно на нашите пријатели во Македонија е дека тезата за македонското малцинство во Бугарија воопшто нема да биде вклучена. Значи, ако сакаме да престанеме да зборуваме, треба да почнеме да зборуваме за македонско малцинство. Нашиот устав нема категорија малцинство, туку граѓани што имаат индивидуални човекови права. Не може да има етнички партии, верски партии и слично. Тоа се нашите правила што ние ги почитуваме“, порача Младенов во интервју за бугарските медиуми.

Втората порака што му ја пренел на министерот Антонио Милошоски, според Младенов, е дека договорот за пријателство што го нуди Бугарија не е услов, односно дека со него нема да се условува бугарската поддршка за Македонија во ЕУ.

„Видов коментари дека треба да поставиме услов за Македонија за бугарската поддршка во ЕУ. Но, ниту јас сум човекот ниту Бугарија е земјата која му ќе каже на некој од соседите „ова е цената за нашата поддршка. Зошто, наш генерален интерес е сите наши соседи да бидат во Унијата. Само така ќе можеме да се справиме со проблемите на Балканот и да одиме напред“, рекол Младенов.

Според негова оценка, денес оваа перспектива на балканските земји не изгледа толку светла како кога Бугарија, Романија и другите земји од Источна Европа беа кандидати за членки, поради што има многу голема потреба од фокусирање на отворените прашања. Прашан дали во договорот ќе се отвори прашањето за признавање на македонскиот јазик и кој јазик, всушност, го призна Бугарија во 1999 година, Младенов одговори со контрапрашање:

„А кога Бугарија го призна францускиот или српскиот јазик? Ниту една држава не признава јазик или определува народност. Јас не се сеќавам дека ние, кога го признававме Косово, рековме дека признаваме независна држава Косово со некој јазик и некој народ... Овие поими не се дел од инструментите на државите“, реплицираше Младенов. Околу заедничкото славење на историјата бугарскиот министер смета дека позицијата на Софија е јасна, но тоа во Македонија тешко го разбираат. „Ова е заедничка историја, наша историја. Тоа е историја што е и поголема од нас сами. Зашто Гоце Делчев за нас има огромно национално значење и таа ера симболизира нешто многу големо за целиот регион на Балканот. Тоа е наша историја, што не треба да не дели туку обединува. И, тоа е нешто што луѓето, особено во Македонија, тешко го разбираат“, изјави Младенов. Причината за ова спорење, според него, е што пет децении граѓаните во Македонија биле уверувани дека Бугарите им се непријатели, па сега треба да ни се објасни дека некој друг ни е непријател, оти светот многу се развил и дека Бугарија е отидена напред, а во начинот на размислување ги престигнала многу соседите. Според него, изненадувачки е колку е големо непознавањето на Бугарија од страна на Македонците, вклучувајќи ги и медиумите што водат во говорот на омразата.

Прашан дали Софија ќе реагира ако падне предлог Западна Македонија како име за нашата држава, Младенов повика на трпеливост, бидејќи предлог се' уште нема на маса. „Да видиме што ќе се случи. Бугарија ја призна земјата под уставното име Република Македонија. Суверено право на секоја држава е да реши како ќе се вика. Ова е навистина право што не може некој да го оспори. Но, суверена должност е, исто така, да направиш компромис кога станува збор за иднината на твојата земја. Според мене, крајно време е ��а се постигне некаков компромис и Македонија да излезе од изолацијата што ја кочи додека сите други одат напред“, порача Младенов. (Н.Р.)


#