21.05.2012, 19:09 Груевски и' сврти грб на реалноста
Сопирачки и со досега невидена жестока реторика го нападна најсилниот воен сојуз НАТО за непринципелност
Наум Котевски
Премиерот Никола Груевски ја измести јавноста со интервјуто за државната агенција МИА, во кое без сопирачки и со досега невидена жестока реторика го нападна најсилниот воен сојуз НАТО за непринципелност, поради бескрајното одолжување со нашиот прием.
Не дека некој не слушнал такви ставови за лицемерството на големите сили, напротив. Но, едно е кога тоа се случува при секојдневните лефтерни седенки во кафеаните, а сосема друго е кога такви несекојдневни остри тонови доаѓаат од премиерот на една држава, кој гневно вели дека „од дипломатските фрази на одредени претставници на некои водечки членки на НАТО, кои се крајно непринципиелни, ми доаѓа мачнина“.
„Сега со денови ќе се радуваме на некои заклучоци и на крајот ќе треба да заклучиме дека Америка, Германија, Франција и други ни се големи пријатели, и да сме многу среќни и да се чувствуваме должници за тоа“, ќе продолжи со рафалната стрелба Груевски, кој со емотивното празнење несвојствено за модерната реалполитика, како што сметаат поголемиот број експерти, не' турка подлабока во дупката на важни прашања без одговор, каде што јавноста може само да си ја чука главата и да размислува дали сето ова значи дека Македонија и, дефинитивно, се откажува од она што беше нашата главна цел - евроатлантските интеграции. Особено што некои од луѓето кои ја поддржуваат политиката на премиерот излегоа со слични размислувања на крајот од минатата недела, а и порано.
„По мое длабоко убедување, веднаш по самитот во Чикаго треба да почнеме нова политика и нова стратегија. Да размислиме за повлекување од мисиите во Авганистан“, порача ексамбасадорот Ристо Никовски, кој се повлече од местото советник за безбедност на претседателот Ѓорге Иванов по колумната во која остро го нападна бившиот амбасадор на САД во земјава, Филип Рикер.
Ексамбасадорот во НАТО, Нано Ружин, смета дека Груевски со таквиот став, искрен, нервозен, еуфоричен и непријатен, што не му прилега, според него, на еден државник, сака да создаде постбукурешка атмосфера.
„Тој практично и' се обраќа на масата граѓани, бидејќи сите на некој начин сме лути. Но, тоа е популистички речник, кој не се очекува од државник. Изненадува неговата изненаденост. Сите знаевме многу одамна што ќе се случува во Чикаго“.
Ружин потенцира дека сега сме сведоци на ситуација кога се буни најголемиот виновник што Македонија е фрлена во агол.
„Во 2008 година амбасадорката во НАТО, Викторија Нуланд, преку мене замоли да го повлечеме именување на аеродромот во ’Александар Велики‘. Груевски го одби тоа пред сите амбасадори. Тоа предизвика гнев кај Грците и беше неминовно уште повеќе да се влошат односите“, открива Ружин, кој на прашањето како гледа на изјавата на Груевски дека „ако јас бев претседател, немаше да отидам во Чикаго“, вели: „Претседателот Иванов е таму не поради тоа што е соработник на Груевски, туку дека Македонија е повикана за точката Авганистан каде што имаме мировни сили. Министерот Попоски, пак, е таму заради тоа што постои состанок со Хилари Клинтон за државите аспиранти - Македонија, БИХ, Црна Гора, Грузија. Ако во 2002 година друштво како аспиранти ни правеа балтичките држави, во 2006 ни правеа Хрватска и Албанија, денеска ни прават друштво земји кои тогаш немаа поим дека воопшто ќе бидат во таква позиција. Тоа јасно покажува до каде не' доведе политиката за евроинтеграциите“, резонира Ружин.
За дисонантните тонови кои дојдоа од државниот врв, професорот смета дека тие се последица на тоа што „на Груевски не му е гајле што ќе каже претседателот, туку што ќе каже тој“.
„Сега прави маневар за да профитира во јавното мислење, особено по лошиот рејтинг на агенцијата Рејтинг. Тоа не' доведува во ситуација да размислуваме за следната ориентација. Дали под влијание на новиот претседател на Србија, Томислав Николиќ, ветрот ќе не' издува кон Русија, или дали посетата на Кина влијаела на ваквиот негов настап. А можеби премиерот сака да каже дека, ете, се' што можевме употребивме, па сега да видиме дали НАТО ќе реагира. Но, лично тврдам дека НАТО нема да реагира, туку само ќе констатира жалење што на таков начин некој се расправа на светската политичка сцена. Во таа војна со НАТО Груевски ќе остане осамен на Балканот. Тоа нема да и' донесе корист на Македонија“, потенцира Ружин.
И првиот министер за надворешни работи на Македонија, Денко Малевски, има слично мислење.
„Проблемот со мнозина наши политичари е отсуството на образование во сферата на меѓународната политика, чие друго име е политика на сила. Тоа е образование кое учи дека интересите, а не некаква апстрактна правда го условуваат поведението на државите, дека двојните стандарди се факти на животот, дека меѓународното право се применува селективно, дека правдата не треба да ја барате во структурата на меѓународното општество на држави“, смета Малевски, кој додава дека „ако ги исфрлите од калкулација овие елементи, па заклучите дека суштината на политиката е да создава вредности, а не да штити интереси, како што го направи премиерот во своето интервју, тогаш живеете во свет на илузии“. „Меѓународната политика е тешка дисциплина и токму поради нужноста овие непријатни дисциплини да се земат предвид при решавање на меѓународните проблеми, зашто без нив формулата е погрешна, па таква ќе биде и нашата надворешна политика“, потенцира професорот.
ДУИ: Емоциите да не не' дефокусираат
„Се согласуваме со оцената на Груевски, дека Македонија ги има исполнето сите услови за членство на земјата во НАТО, но не се согласуваме со оцените дека меѓународната заедница, односно НАТО и ЕУ користат политика на двојни стандарди кон земјава“. Ова вчера го истакна Бујар Османи, соопштувајќи го ставот на владејачката ДУИ по неуспехот на Македонија во Чикаго, како и по интервјуто на премиерот Груевски, кој предизвика лавина реакции. Од партијата на Ахмети велат дека принципот на консензуалност во НАТО и ЕУ е конзистентен за сите држави кандидатки за членство во овие организации.
„Не смееме да дозволиме емоциите и разочарувањата да не' дефокусираат од реализацијата на стратешките, националните и државните цели. Прашањето за зачленувањето во НАТО е затворено со Извршната одлука на Самитот на НАТО во Букурешт, во која се вели дека Македонија ќе стане членка на НАТО на денот на решавање на спорот со името, и за тоа не е потребен нов Самит“, рече Османи. Според него, меѓународната заедница има добра волја да ни помогне на нашиот пат кон евроатланските интеграции и дека за нас нема друга алтернатива. (П.Р.) |