Референдум за поскапувањето на водата во Битола?

Комуналците бараат поскапување на водата за близу 120 отсто

БИТОЛА - Јавното претпријатие „Водовод“ од Битола реши да нурне подлабоко во џебовите на битолчани. Комуналците бараат поскапување на водата за близу 120 отсто. Според пресметките на претпријатието, кубен метар за домаќинство од постојните 14 денари треба да поскапи на 30,25 денари, а за стопанството од 26,50 денари на 45 денари. Поскапувањето се планира да стартува од првиот ден на 2010 година. За оваа одлука на Управниот одбор на „Водовод“ на 14 јули ќе одлучува Советот на Општина Битола.

Најавата за поскапување на водата ја разбранува битолската јавност, а особено ја испровоцира опозицијата. Стравувањата се дека со покачувањето на цената ќе се поскапи и сметката за канализација на ЈП „Нискоградба“.

Последното поскапување на водата во Битола беше пред десетина години. Од „Водовод“ тврдат дека досега битолчани пиеле најевтина вода. Дури и со барањето за повисоки цени, нема да бидат на врвот градови со најголеми сметки во Македонија.

Раководството на претпријатието смета дека тоа е единствениот начин „Водовод“ да се одржи во кондиција и да се модернизира системот. Поскапувањето, според „Водовод“, процентуално немало да биде повеќе од 200 денари по домаќинство.

„’Водовод‘ подолг период не може да ги покрие трошоците, а уште помалку да инвестира во водоводниот систем. Тоа е причината за нашата одлука да бараме повисока цена. Оваа година ќе ја завршиме со загуба од над 30 милиони денари која треба да се покрие. Значи, поскапувањето не е за денес или утре. Време е да се размислува за вложување во системот“, објаснува Зоран Илиоски, директор на ЈП „Водовод“ од Битола.

Најголемата криза на „Водовод“ ја предизвикува губењето вода од системот и тоа е повеќе од 50 проценти, пресметало раководството. Дефектите се многу чести и ги има од шест до седум дневно.

„Водата која ја пуштаме во градот и онаа што ја регистрираме на водомерите има разлика од над 50 отсто. Значи сме во минус. Таа вода оди на дефекти, поради застарена мрежа. Цевките се постари од 40 години. Процентот на кражба е многу мал, вода се краде само на Баир“, тврди Илиоски.

Инаку, наплатата на сметките за вода во Битола од домаќинствата е повеќе од 90 проценти, што е реткост во Македонија. Во стопанството тој процент на наплата во изминатите четири години бил повеќе од 100 отсто, бидејќи успеале да ги наплатат и старите долгови.

Ваквите аргументи на ЈП „Водовод“ за поскапувањето не се прифатливи за опозицијата. Либералдемократите бараат од Градот битолчани да се изјаснат за цената на референдум. За ЛДП е неразбирлива математиката на раководството за качување на цената, дека покрај досегашните трошоци од 185 милиони денари и приходи од 163 милиони денари, „Водовод“ проценил дека расходите во 2009 година ќе им пораснат на 250 милиони денари.

„Аздисаа на власт и не знаат повеќе што да прават. Ако едно семејство што живее во куќа плаќа 1.000 денари за вода, со поскапувањето ќе треба да издвојува дури 2.200 денари. Е, за ваква кражба, во услови на рецесија, пред Советот на Општината ќе побараме да се распише референдум. Како што тие бараат референдум за името. Ако не го дозволат тоа, ЛДП ќе ги повика битолчани на граѓанска непослушност, да не ги плаќаат сметките за вода. За поскапувањето да одлучат граѓаните, а не советниците на ВМРО-ДПМНЕ“, вакво барање испорача Горан Милевски, советник на ЛДП во Битола.

Социјалдемократите, пак, сметаат дека Општината треба да го спасува „Водовод“ од кризата, а не тоа да падне врз грбот на граѓаните. СДСМ смета дека Битола нема криза за вода покрај водотоците на Пелистер и акумулацијата Стрежево за да бара шокантно зголемување на цената.

„Новиот ребалансиран буџет на Општината изнесува огромни 22 милиона евра. Од каде ќе ги собере Општината овие пари? Очигледно од џебовит�� на граѓаните. И наместо локалната власт да го спасува ‘Водовод‘, ќе се расфрла со народни пари за споменици“, коментира Наташа Струмениковска, советничка на СДСМ. Опозицијата предлага поскапувањето на водата да биде сукцесивно, а парите кои на претпријатието му се потребни за модернизација да се обиде да ги извлече од европските фондови, преку наменски проекти.

„Предложивме линеарно поскапување на водата. Оние категории граѓани што трошат вода од 5 до 10 кубни метри месечно да плаќаат поевтини сметки. Оние што енормно трошат вода, за наводнување на дворовите, да плаќаат поскапо. Притоа, треба да се заштитат социјалните семејства“, смета Струмениковска.

Доколку раководството на „Водовод“ не може да се справи со актуелните проблеми и само не изнајде начин за излез од финансиските проблеми, тогаш да поднесе оставка, предлагаат од ЛДП.

Илиоски возвраќа на ваквите обвинувања и опозициски предлози дека за битолски „Водовод“ треба да се размислува со ладни глави, а не политички. (А.Б.)