Масовно се пуши на отворено, a казниво е
Недостигаат налепници со знакот „Забрането пушење“, а пепелници има на секоја маса
Бојан Шашевски
Во изминатиот викенд македонските пушачи последен пат имаа можност да запалат цигара на терасите од своите омилени места за кафе. Според Законот за забрана од пушење, веќе заврши предвидениот период - од 1 март до 31 октомври, кога во летните бавчи на угостителските објекти, односно рестораните, кафулињата, кафе-баровите, отворените дискотеки и плажите, траеше дозволата за слободно пушење.
По несогласувањата на кафеанџиите и протестот на Сојузот на угостителите, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ Владата го измени Законот за заштита од пушење, па даде седуммесечен период и бело знаме за пушење под отворено небо. По тој чекор, граѓаните веднаш ги окупираа локалите. Сега, откако помина тој летен период, Пазарната инспекција е повторно на потег.
Поточно, согласно со Законот за заштита од пушење, веќе од вчера е забрането да се пуши на отворените делови од угостителските локали.
По тој повод, екипата на „Утрински Весник“ реши да прошета низ скопските улици „Македонија“ и „Ленинова“ и да поразговара со сопствениците на локалите, вработените и посетителите на популарните кафе-барови. Попладневното ноемвриско сонце им дозволи на гостите да седнат на терасата од омиленото кафуле, да се напијат пијалак, да помуабетат со пријателите, а притоа да запалат и по некоја цигара.
Првиот впечаток беше недостигот од налепници со знакот „Забрането пушење“, додека, пак, пепелниците беа добредојдени на секоја од надворешните маси.
„Самите граѓани автоматски ќе почнат да го применуваат Законот во моментот кога ќе им застуди. Зимата ќе ги избрка муштериите од локалите, а не Пазарната инспекција. Иако веќе 5 години сум непушач, убеден сум дека Законот е бесмислен. Гледате наоколу дека никој не го сфаќа ова сериозно“, рече Мартин Георгиевски, посетител на кафулето „Ла кафе“.
„Денеска, како што може да забележите, се пуши во надворешниот дел на локалов. Ќе си работиме во полно темпо и натаму“, рече еден од вработените од „Ил кафе ди Рома“. Сопствениците што ги затековме во своите кафе-барови, не сакаа да коментираат околу забраната за пушење и новиот рок до 31 октомври.
Интересно беше што многу од вработените воопшто не се запознати со Законот, па некои од нив дури и ни се заблагодарија што сме ги потсетиле дека треба да стават налепници во надворешниот дел од кафулињата. „Сега ќе му се јавам на газдата и ќе го известам. Тој требаше да ни каже за ова“, рекоа вработените од „Хо-Хо“.
Слично е и по кафулињата во Дебар Маало. Пред „Илинден“, гостилницата кај ОУ „Коле Неделковски“, стоеше полициска „марица“, па љубопитно влеговме на терасата на локалот за да ги прашаме присутните полицајци. Двете униформирани лица, со пепелник пред себе, кои седеа и јадеа на една од масите, не сакаа да дадат изјава околу цигарите, а вработените се зачудија кога споменавме Закон за заштита од пушење.
Вчера побаравме објаснување од Пазарната инспекција дали се започнати контроли, со цел да се провери дали се почитува забраната за пушење и на летните бавчи, од каде што добивме скуден одговор дека директорката е на службен пат, а раководителите на секторите се на терен. Попрецизни информации се најавуваат за денес. (Б.Ш.) |