Протестот на стечајците произведе политичка бура
Стечајците се поделија, едни пред Владата и Собранието, други пред кабинетот на Црвенковски
Александра М. Митевска
Протести пред канцеларијата на поранешниот шеф на државата Бранко Црвенковски и пред седиштето на опозицискиот СДСМ како одговор на протестите на стечајците пред Владата и пред Собранието. Така помина вчерашниот ден за митинзи во Скопје, дополнет со препукувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој зад кои протести стои. Во меѓувреме, се создаде сообраќаен хаос во центарот на градот, на еден протестант пред зградата на парламентот му се слошило и бил пренесен во Градската болница, а друг бил полесно удрен од автомобил додека се движел во колона. Протестантите од Куманово обвинија дека полицијата не ги блокирала улиците каде што се движеле, иако протестот бил најавен во МВР.
Вмровската химна ечеше од мобилниот телефон на еден од протестантите пред сдсмовскиот штаб, кои бараа Црвенковски да замине од политиката и да престане да ги замајува граѓаните. „Жртвите на транзицијата“ и вчера повторија дека на Црвенковски му е важна само фотелјата. Тие немаа одговор зошто за своите проблеми не се обраќаат до Владата. Само кажаа дека СДСМ и Црвенковски, иако се во опозиција, практично, се' уште се на власт, бидејќи нивни кадри биле инсталирани во судството.
Не помина ниту деноноќие откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека социјалдемократите имале сценарио за политичка дестабилизација преку поттикнување штрајкови и демонстрации, а група протестанти од Куманово со автобус пристигнаа и пред кабинетот што го доби Црвенковски како поранешен претседател на државата. Тие објаснија дека не ги поддржуваат протестите на своите сограѓани - стечајци, кои подолго време незадоволството го искажуваат пред Владата, а вчера демонстрираа и пред Собранието. Отцепените стечајци му се лути на Црвенковски затоа што во 2006 година како претседател не го потпишал указот на Законот за стечајците, што го изгласаа 77 пратеници. Тие сакале да му порачаат на Црвенковски дека нема да дозволат да бидат политички инструмент за неговите амбиции и дека не се негова партиска играчка.
„Со другите стечајци не се согласуваме, бидејќи ние сметаме дека пензија треба да добијат само оние што имаат повеќе од 25 години стаж и 55 години старост“, објасни еден протестант, информирајќи дека оние што штрајкуваат пред Владата биле организирани од СДСМ, а преку синдикатот.
Од кабинетот на Црвенковски реагираа дека владејачката партија ја злоупотребува маката на граѓаните, во обид да се неутрализира незадоволството од Владата и да се скријат нејзините лоши резултати.
Кабинетот на поранешниот претседател апелираше до владејачката партија, место да троши енергија на организирање вакви паради, да се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.
Лилјана Георгиева, која ги предводи протестите на стечајците од Куманово, рече дека протестите пред Владата и пред Собранието не се политички мотивирани.
„Ние немаме друг избор освен со протести да дојдеме до нашите права.
Нашата агонија трае со години. Ние не сме против Владата, само ги бараме нашите права. Зад нас не стои никој, но прифаќаме сечија поддршка“, рече Георгиева, посочувајќи дека се сомнева оти групата стечајци што се одделиле од нив била поттикната од пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека социјалдемократите не се откажуваат од реализацијата на сценариото за политичка дестабилизација, со цел да се амнестираат за сите грешки направени во време на нивното владеење. Блокадата на Скопје, според ВМРО-ДПМНЕ, е само продолжение на тоа сценарио.
„СДСМ со ова покажува и докажува дека не се реформира и дека, место да нуди решенија и предлози, продолжува со деструктивност и неконструктивност“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.
Од СДСМ, пак, оценија дека вчера во Скопје имало две категории протести: нормални - на луѓе што имаат реални проблеми и ненормални - на група платеници на ВМРО-ДПМНЕ, чија намера е да ја манипулираат јавноста. Според потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, очигледна е намерата на Груевски да се предизвика инцидент со испраќање контрамитингаши пред седиштето на опозицијата. Во таа работа, како што рече Георгиев, Груевски воопшто не се разликува од Милошевиќ, на пример.
„СДСМ не стои зад протестите пред Владата. Кога ние ќе стоиме зад такви протести и кога СДСМ ќе излезе пред Владата, тоа ќе му биде последен ден на Груевски во Владата“, изјави Георгиев. |