Македонија е на тенка линија да заврши како Белорусија

Нашата земја е на добар пат да стане нова Србија, со изборите прати сигнал дека сака да живее во изолација

Од нашиот дописник
Слободанка Јовановска

Брисел - Македонија од неделава стана новото проблематично дете на Европската унија, и не само што пораката од изборите беше дека на политичките структури не им е гајле за евроинтеграцијата, туку и дека отворено му се потсмеваат на Брисел што живее во илузија дека има некакво влијание на политиката што се води во државата. И што е најстрашно, тоа не е се'.

На последните избори во Македонија беше издевалвирано се' што може да се издевалвира во очите на демократска и цивилизирана Европа. Брисел доби шлаканица бидејќи никој не водеше сметка за деветтиот услов што ни го поставува, Албанците добија шлаканица бидејќи нивните лидери им го оспорија правото да гласаат, а Македонците добија шлаканица бидејќи во мнозинство поддржаа влада која, пак, дозволи да се случи фалсификат видлив од Месечината, и парафразирано со зборовите на Ангелика Бер, да дозволат случувања со кои државата гарантирано нема иднина.

Македонија во учебниците по политика веројатно ќе биде првата земја во која партија со сигурна и огромна победа дозволи да и' се стави прашалник на легитимноста, зашто сака да гради Потемкинови села, а не да ја следи реалноста на политичката сцена.

Македонија е на добар пат, исто така, да стане нова Србија, бидејќи со изборите прати сигнал дека сака да живее во изолација, игнорирајќи ги пораките од Европската унија, НАТО, САД и од демократската јавност која не' поддржува. Како илустрација, веројатно само во Албанија, која не отиде подалеку од Спогодба за асоцијација и стабилизација последните две години, е регистриран список на злоупотреби какви што неделава беа видени лично од европските амбасадори на гласачките места низ Македонија, земја-кандидатка за членство која упорно се труди да не биде тоа и во иднина.

Практично нема што нема од она што е регистрирано во светот како изборна злоупотреба, а што не се случи на наша територија, без оглед што беше етнички изолирана: полнење кутии, застрашување гласачи, пропаганда низ медиуми, манипулации со изборни ливчиња, селективно дејствување на полицијата, па според некои информации и учество на полицајци во инциденти и фалсификати за да и' се помогне на ДПА да добие рејтинг каков што му треба на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако изминатите два дена сите европски функционери излегоа со тврдења дека го поддржуваат премиерот Никола Груевски во намерата да организира прегласување, не може да се скрие фактот дека Брисел е тој што го бара тоа, и дека нашиот премиер доби шанса за поправен, која ако не ја искористи, ќе се најде на тенка линија да заврши како Лукашенко, а Македонија како Белорусија.

Легитимитетот (на власта) е клучниот збор што се провлекува во сите реакции од Европската унија, САД и НАТО, и тоа што Брисел ни ја остава и натаму отворена вратата за прогрес, и покрај скандалот со изборите, е поради тоа што е склон кон барање решенија дотогаш додека не станат безнадежни шансите за тоа.

Она што е најпоразително е дека Македонија реши да си наштети самата во годината кога ЕУ почна да го одмрзнува процесот на проширувањето и иако спорот околу името не дава голема надеж за светла иднина, не треба да сме тие кои ќе си го ставиме јажето околу европерспективата.

Најразочарани неделава во Брисел затоа беа тие кои најмногу ја помагаат Македонија, бидејќи не им остана ни малку образ, не пак аргументи да даваат поддршка за евроинтеграцијата на земјата, но и за спорот околу името, кој сами не можеме да го менаџираме, ниту, пак, да го решиме во наша полза.

Практично, кажано со едноставни зборови, она што бара од нас Европската унија е повторување на изборите за да може да го признае исходот и да им честита на победниците, и евентуално во деке��ври да си го покрие образот ако реши да ни даде некаков условен датум за преговори.

Тоа што ВМРО-ДПМНЕ победи неспорно и што инцидентите се случија само на териториите каде што мнозинство се Албанците е олеснителна околност што ја уважува и Брисел, но се' додека не добие јасно уверување дека власта и водечките партии не стојат зад фалсификатите, или барем дека не ги дозволуваат, ниту Груевски нема да добие полн легитимитет во ЕУ.

Полошо од тоа за Македонија здравје, бидејќи граѓаните му дадоа силен мандат за многу нешта, но не да не' скара со тие што ни требаат најмногу. Од оваа диоптрија, дилемите дали си напиша Македонија извештај за ноември или не, ќе добие датум или не, стануваат споредна работа.

Прашањето е дали Македонија воопшто оди на патот на евроинтеграцијата, бидејќи последните месеци многу повеќе се влечат потези во спротивен правец од тоа што тоа го бара од нас Брисел. Од првото предупредување дека организирањето на изборите е губење драгоцено време, второто предупредување дека ќе си направиме проблем, бидејќи нема да организираме регуларно гласање, па до последното дека штетите од кампањата можат да се поправат само ако има нула инциденти на денот на гласање.

Не само што имавме насилство од големи размери, туку тоа го правевме и пред очите на посматрачите и амбасадорите, за да бидат сигурни дека не им ги почитуваме препораките и дека тие ни служат како упатство што треба, всушност, да не правиме за да не добиеме членство и да не мораме да ги слушаме советите на Унијата.

Со африкански избори не се исполнуваат европски перспективи, а тоа тешко дека не го знаат ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ. Мала утеха е напуштањето на етнодистанцата околу изборите во Македонија, односно фактот дека првпат европските функционери проговорија јавно за политичката некултура и демократските манири на албанските политички партии во земјата, место да се оградуваат досега дека и тие се граѓани на Македонија. Брисел нема веќе намера да затвора очи пред разгаленоста на една етничка политичка структура, која има гарантиран пристап до власта во земјата, па тоа изгледа ја направи арогантна до таа мера што ја руинира иднината на сите граѓани во државата. (С.Ј.)