Берзата, слаба, слаба, ама штанца милионери

Додека брокерите го бараат ланскиот милионер, истражувавме колку Берзата има сила и годинава да произведе нов

Соња Маџовска

Македонија, иако сиромашна и мала земја, сепак, има свои милионери, некои регистрирани од државата, додека други, пак, никој не ги знае и објавува, а поседуваат милиони и милиони. Како и да е, ако зборуваме за оние официјалните, нив најчесто ги произведува Берзата што не е во којзнае колку добра кондиција, но, сепак, доволно добро функционира за да некои луѓе ги лансира во категоријата милионери. И додека брокерите и инвестициските фондови се' уште се обидуваат да ја откријат трагата на ланскиот милионер, кој во најтешката кризна година се појави од никаде и од играње на Берза заработил 1,6 милиони евра, за да му понудат работа, ние заедно со нив истражувавме дали е можно берзата и годинава да произведе нов милионер?

На прв поглед изгледа невозможно. Ако се свртиме наназад ќе видиме дека тргувањето на Македонската берза од почетокот на годинава е тапа, па дури и полошо од лани. Според берзанските играчи, во 2009 година барем имало големи осцилации во падовите и растот на индексите. Годинава ни тоа го нема, па Берзата цело време паѓа, ама капка по капка.

Сепак, и лани таа беше во лоша кондиција, но успеа да произведе милионер. Тоа се случи и во 2008 година, кога Берзата обелодени многу побогат милионер што успеал да спечали рекордни 15 милиони евра. После тоа излезе дека не станувало збор за класично спечалување, туку за газда што ја продал својата фирма на странски инвеститор и така ги добил милионите, а се претпоставува дека и ланскиот е милионер од тој тип, кој заработил продавајќи го својот пакет акции во фирмата во која бил само газда, а не и вработен.

Ако се тргне по оваа логика излегува дека, сепак, има шанси и во најслабата берзанска година да се појави некој нов милионер. Ги истражувавме поголемите блок-трансакции реализирани годинава на Берзата. Најголема блок-трансакција вредна 35 милиони евра се изврши со акциите на Стопанска банка, но во оваа зделка нема милионер-поединец, тука заработија ЕБРД и ИФЦ кои и' ги продадоа своите акции во Стопанска банка на Националната банка на Грција.

Има една друга интересна блок-трансакција со милионска заработка. Тоа е продажбата на Индустриски ладилник од Тетово. Фирмата е продадена во април годинава за близу еден милион евра. Но, нема повеќе податоци кои биле старите газди, а кои се новите.

Берзанските експерти се согласуваат дека најчесто милионер кај нас се станува со продажба на сопственички удел во некоја од домашните компании. Тие, сепак, констатираат дека оваа година е една од најслабите на Македонска берза и според вредноста на акциите и според прометот.

„Врз основа на податоците за движењето на македонскиот берзански индекс МБИ 10, кои укажуваат на пад на вредноста на компаниите од 20 отсто од почеток на годинава, како и натамошниот пад на обемот на тргување во споредба со претходната година, што во текот на трите квартали од 2010 година изнесува 8,7 милијарди денари, сметам дека е невозможно да се појави нов милионер од тргување со хартии од вредност“, вели Горан Марковски од КБ „Публикум“.

Според него, објавените податоци на повеќето македонски компании упатуваат на одредено подобрување на состојбите во македонската економија, барем доколку се суди врз основа на остварените резултати во третиот квартал во 2010 година. Имено, повеќето компании што редовно ги објавуваат своите финансиски извештаи на Интернет-страницата на Македонска берза, во третиот квартал од 2010 година оствариле подобри резултати во однос на истиот квартал од минатата година и од аспект на остварени приходи и од аспект на остварена добивка,односно намалување на загубите. И неговата колешка Миа Зографска, од инвестицискиот фонд „Иново“, вели дека 2010 година е многу слаба берзанска година, но смета дека никогаш ништо не може да не изненади. „Оваа година е карактеристична по постојаниот пад на Македонска берза и малиот промет. За разлика од 2009 година кога, сепак, имаше мал бум на 16 октомври, оваа година нема такво нешто. Не видовме некои поголеми количини истргувани акции. Сепак, никогаш не може да се исклучи можноста некој и во вакви услови да оствари добри добивки. Има луѓе што постојано ги следат движењата на Берзата. Во 2009 година имаше шанси за заработка, бидејќи амплитудите на пад и раст беа во распон од 70 до 80 проценти. Но, оваа година го нема тоа, и падовите и растот се умерени. Многу беа потценети одредени акции, но, сепак, последниве денови има мало раздвижување. Тоа се должи на објавени деветмесечни резултати на компании што повеќето покажаа подобри добивки од лани во истиот период. Растот во изминативе денови се движи околу осум проценти. Сепак, тоа е мал раст за да се остварат големи добивки“, вели Зографска. Според неа, во 2009 година и инвестициските фондови оствариле подобри добивки од годинава, односно ако лани имале заработка од над 20 отсто, сега се' уште се во минус.


#