31.01.2012, 17:52

На Балканот ќе се менуваат границите?

Оцена на институт од Берлин според кој Македонија, Косово и БиХ се фрагилни општества и им се закануваат конфликти

Слободанка Јовановска


На повидок е нова рунда на промена на границите на Балканот, тврди германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања од Берлин, во анализата потпишана од српскиот аналитичар Душан Рељиќ. Според неа, Македонија, Косово и БиХ се фрагилни општества на кои одново им се закануваат етничко-политички конфликти, а бидејќи таквите конфликти во регионот досега завршуваа со менување на границите, нема причина евентуалната нова ревизија на границите да се случи без насилство.

Иако оваа црна прогноза за случувањата во регионот и во Македонија по се' изгледа е инспирирана и е на линија на српските барања за поделба на Косово, сепак, таа е силен аларм за нас по моменталните случувања во Струга и по распрскувањето на илузијата дека времињата на меѓунационални конфликти се далеку зад нашата држава. Според анализата, мапата, најверојатно, ќе биде сменета во триаголникот меѓу Косово, Албанија и Западна Македонија, со оглед на тоа дека големо мнозинство од Албанците кои живеат тука се за обединување во една територија, или процентуално - 81 отсто во Косово, 66 отсто од Албанците од Македонија и 63 отсто од тие во Албанија. Како што се тврди, притоа, лично американскиот амбасадор во Тирана го спречил во 2009 година Сали Бериша да ги прекине јавните залагања за обединување на Албанците, но дека третата по моќ и најбрзорастечка партија во Косово сега (Самоопределување) ја става таа цел на врвот на своите политичките барања, а Србите во северно Косово одбиваат да бидат малцинство во новата држава, што е потенцијал за нова криза.

Наспроти верувањето кај нас дека судбината на БиХ е многу понеизвесна од онаа на Македонија, во анализата се тврди токму спротивното. За разлика од БиХ каде што, според анализата, трите ентитета зборуваат ист јазик и каде што има етнички мешани бракови, во Македонија и во Косово заедниците живеат паралелно и зборуваат сосема различно. Место да се поврзуваат економски двете заедници, областите со албанско население во Македонија се вртат кон Албанија за да создадат економски, културно и етнички хомоген простор, а во прилог на заедништвото во Македонија не оди ни демографскиот тренд. Како резултат, стои во анализата, поделбата на Косово може да предизвика засилување на албанскиот сепаратизам во Македонија, а идејата дека поделбата по етничка линија може да донесе подобра перспектива отколку постојаното натегање со албанската заедница може да најде приврзаници и меѓу Македонците во земјата. „Националконзервативниот премиер Никола Груевски работи упорно на создавање ’антички македонски идентитет‘ на државата, што може да го влоши растечкото отуѓување меѓу Албанците и Македонците“, стои во анализата, со оцена дека таквиот концепт не им остава можност на Албанците да се идентификуваат со неа. Како одговор, стои натаму, тие градат споменици на своите национални херои кои се копии на тие во Тирана, па ако тој јаз се зголемува и натаму, може да ја доведе до раб македонската држава. Решението што се нуди притоа е алармантно, бидејќи сугерира дека можеби е подобро да се ревидираат границите - бидејќи политичката цена за нивното одржување може да се покаже многу повисока.

„Може да се покаже дека политички ќе чини повеќе и ќе биде контрапродуктивно за Западот да продолжи да дава отпор на автохтоните движења на Западен Балкан. Може да се покаже пологично искористувањето на можностите за политички договор меѓу Албанците и Србите во Косово преку дискретна дипломатија. Политичкото менаџирање на границите сигурно ќе чини помалку животи, помалку бегалци и помало воено присуство отколку демагошкото одрекување на таа опција“, се тврди во анализата, пред се', насочена да вли��ае на ставот на меѓународната заедница кон Косово, иако неизбежно ќе има ефект и на гледањето на Македонија. Генерално, се заклучува дека постигнувањето долготрајна политичка стабилност во регионот ќе „мора“ да вклучи правење отстапки и делумна промена на границите во регионот.