Свечаност
Филмска свадба на бизнисменот Калеников
Претседателот на ССК и прв човек на фирмата „Кадис“ се ожени со својата избраничка Билјана Доневска. Спектакуларната прослава се одржа викендов во хотелот „Александар палас“
Катерина Шекеровска
Се ожени еден од најпосакуваните ергени. Бизнисменот Златко Калеников, претседател на Сојузот на стопански комори и прв човек на фирмата „Кадис“, ексклузивен увозник на возилата марка „сеат“, викендов и го кажа судбоносното „Да“ на својата избраничка, Билјана Доневска, вработена во филмската продукција „T-Rex“. Свадбата се одржа во хотелот „Александар палас“, а присутните, повеќе од 450 гости, меѓу кои и многу познати фаци, политичари, бизнисмени, музичари... се' уште се под импресии, опишувајќи ја свадбата како филмска, со многу изненадувања, весели гости и уште повесели младоженци.
„Свадбата на Златко и Билјана долго ќе се памети. Одамна не сме присуствувале на таков спектакл, осмислен од самиот почеток до крај“, ни изјави еден од присутните гости на свадбата. Имено, гостите биле пречекувани во фоајето на хотелот каде што за добредојде стоеле македонски брачни парови - почнувајќи од праисториско време, па антички период, византиски брачен пар, македонски брачен пар од отоманскиот период, пар во традиционална носија и на крајот, како шлаг на тортата - Златко и Билјана со натписот „македонски брачен пар денес“.
И сето тоа по идејата на Калеников, кој како хоби ја има филмската режија, а може да се пофали и со актуелниот спот за македонското вино. Не треба многу да се размислува за да се погоди чија била и идејата да се влезе во затемнета сала со флуоросцентни детали во „Палас“ со звуци на музиката од филмовите „Индијана Џонс“ и „Војна на ѕвездите“. Сите оние што малку повеќе го познаваат Калеников знаат дека тој ужива во археологијата, па сосема е нормално и тоа што најголемиот дел од подароците биле токму со такви мотиви. Не попусто го викаат македонскиот Индијана Џонс...
Присутните коментираа дека Златко не можел подобро да избере - невестата е како бонбонче, шеќерче, како Снежана од Снежана и седумте џуџиња... Двојката се венча во црквата „Св. Богородица“, а благословот го доби лично од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, кој е нивен семеен пријател. На венчавката и' претходеше и регистрација во Матично по што се' било подготвено за големата прослава на љубовта.
За музичкиот дел од прославата бил задолжен „Аренси бенд“, а во чест на младоженците неколку песни испеал и младиот поп-пејач Ламбе Алабаковски, кого Каленикови го сметаат за свој четврти брат... Меѓу гостите на Златко и Билјана биле и претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, чија сопруга е во поодмината бременост, министерот за образование и наука, Никола Тодоров, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Конески, сите со сопругите, бизнисменот Мирче Чекреџи, Иво Јанкоски и Надица Георгиева, многу бизнисмени, роднини и пријатели... Местата резервирани за гувернерот на Народната банка Петар Гошев и неговата сопруга, кои биле уредно и навремено поканети, останале да зјаат празни.
Највесела од сите, секако, била невестата, која носела венчаница со потписот на ателјето „Кокев“ (фризурата и шминката беа доверени на Сретен Костиќ и Дадар), се играло и на столчиња, а посебен штимунг направиле другарите на Калеников од дружината „Чамо и пријателите“, кои во еден момент од свадбата своите црни костуми со розови марамчиња (дело на Елена Лука) ги пресоблекле во специјално дизајнирани маици на кои биле нацртани карикатурите на младоженците и пораката „Bling, bling, I got a ring“. Уште еден посебен момент на свадбата бил и подарокот од колегите од ССК - пет стомачни танчарки...
Врската на Златко и Билјана, која е дипломиран машински инженер, насока екологија, за официјален почеток го има април оваа година. Ги зближува работата, имено Билјана беше одговорна за спотот за македонско вино, по што следуваат и неколку службени патувања. По враќањето од Њујорк, омилениот град на Златко, ја започнуваат и својата романса, која кулминира со побарување за жена за време на турата во Египет.
За свадбата на Каленикови уште долго ќе се раскажува. По официјалниот крај во „Александар палас“, одбраното друштво продолжува да се забавува до зори во нивниот семеен дом. Оттогаш па натаму - и официјално почнува да тече брачниот стаж. Нека се долговечни! |