Се бара апс и за новите и за старите газди на „Сведмилк“
Моше Баум
Баум им рекол на млекарите дека од него можат да ги бараат парите само за последните два месеца
Битола - Затвор за Моше Баум, но и за поранешните менаџери на „Сведмилк“, побараа вчера битолските кооперанти. Според нив, апсењето на новиот газда на млекарницата, Баум, поради измама од 5 илјади евра за најмен автомобил е монтиран процес, а од друга страна, го помилуваат за криминал од 6 милиони евра, колку што сега им должи на млекарите.
„Полицијата го гони Баум за 5 илјади евра, што украл некоја искршен автомобил. Зошто не ги фатат сите заедно - и бившите газди и новиот сопственик, кои осум месеци ги крадат нашите пари. Каде е министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Сега гледаме кој е вмешан во оваа игра. Нека кажат јавно каде се нашите пари“, повика Душко Илевски, сточар од Битола, на вчерашната прес-конференција во регионалната канцеларија на Федерацијата на фармери на Македонија, поддржан од голем број битолски фармери. Илевски вели дека на последната средба меѓу млекарите и Баум, новиот газда им испратил јасна порака дека од него можат да ги бараат парите само за последните два месеца, но не и вкупниот долг, иако Баум ја доби млекарницата за само едно евро, со обврска да им исплати целосно на фармерите.
„Заменик-министерот за земјоделство, Кристијан Делев, не' советува да го тужиме Роџер Оскарсон, но тој заминал во Шведска. Кого да тужиме сега? Моше Баум пред неколку дена ни рече ’одете од Владата барајте ги парите, многу сте ми интересни кога штрајкувате пред Владата‘. Тој ни должел само 2 милиона евра, колку за два месеца. На кого да му се жалиме?“ револтирано рече Илевски.
Сточарите велат дека не се откажуваат од своите мачно заработени пари. Протестите ќе продолжат повторно пред вратите на Владата. А, во меѓувреме бараат начин каде да го пласираат суровото млеко. Се жалат дека двете најголеми млекарници во државата се обидувале да ги уценат и им нудат цена од 13 денари за литар млеко.
Фармерите тврдат дека 80 проценти од млекарите го прекинале предавањето на млекото во „Сведмилк“. Така што сега млекарницата од нив откупувала само 15 тони млеко од досегашните 120 тони. Досега од вкупниот долг спрема фармерите, млекарницата исплатила само 250 илјади евра и тоа само на дел од нив.
Роџер Оскарсон
И додека во Битола фермерите жестоко реагираат поради тоа што не можат да си ги добијат парите, во Скопје беше актуелно приведувањето на новиот газда на „Сведмилк“, Моше Баум.
Во Основниот суд Скопје 1, каде беше спроведен со барање за спроведување на истрага за кривични дела измама и за издавање чек без покритие, тој мина не повеќе од два часа. Имено, распитот на сопственикот на млекарницата „Сведмилк“ не траел повеќе од 45 минути, но уште толку време се чекало на решението што го изготвувал истражниот судија и во кое, освен одлука за спроведување истрага, нема и решение со кое на Баум му се изрекува и притвор. За волја на вистината, Истражниот судија донел решение со кое на Моше Баум, инаку странски државјанин, му била изречена превентивна мерка одземање на патна исправа, но нему му е наложено секој ден да се јавува во полиција.
Од она што можевме неофицијално да го дознаеме, осомничениот Баум се бранел со давање исказ дека тој не сторил никаква измама, дотолку повеќе што не приложил никаков банкарскиот чек, туку слип од платинеста платежна картичка. Според истите сознанија, Баум се бранел со кажување дека сумата од нецели 300.000 денари, колку што тој и' должел на рентакар агенцијата „Ни-мар“, е минорна во однос на она што тој во изминатите неколку месеци го плаќал за наем на возила, но и тоа дека никој од агенцијата претходно не му забележал на евентуалното пречекорување на рокот за плаќање, и покрај тоа што секојдневно го гледале во хотелот „Александар палас“. (А.Б.-Љ.С.) |