Брисел се сомнева во европските амбиции на Македонија

Од сите нивоа на Унијата се бара инцидентите да запрат, а одговорните за нив да се осудат
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Брисел вчера на цел глас побара трезвеност од политичките фактори во Македонија, како реакција на насилствата и на инцидентите кои се на пат да ги надминат рекордите од сите изборни кампањи досега. Иако пораките на Европската унија сега тешко дека имаат политичка тежина како претходно, бидејки европерспективата и онака изгледа загрозена, од сите нивоа на Унијата вчера дојде усогласена порака дека насилствата треба да престанат, а тие што се случија досега да се истражат и одговорните да се судат.
Од кабинетот на еврофункционерот Хавиер Солана отидоа и подалеку, ставајќи ја под сомневање определеноста за евроатлантските интеграции, преку оцената дека „домашните и евроатлантски аспирации на граѓаните и на земјата мора да се земат сериозно и не смеат да бидат потценети со опортунистичките и насилнички акти“.
„Ги осудувам актите на насилство и апелирам до сите во Македонија изборната кампања да се одвива на вистински начин. Изборите треба да се одвиваат во позитивна и конструктивна атмосфера, свртени кон иднината, а не кон минатото“, порача Солана од прес-конференција.
Неговата портпаролка Кристина Галах додаде дека предвремените избори се важни за Македонија и затоа мора да бидат одржани на мирен, фер и демократски начин, па ги повика сите во земјата да придонесат за тоа. „Државата и локалните власти треба да ги испитаат овие инциденти ефективно и многу брзо“, им порача таа на одговорните во Македонија.
За инцидентите се огласи и словенечкото претседателство, со главна порака дека „нема место за насилство во изборна кампања. Притоа, во име на ЕУ претседателството, исто така, побара да се истражат инцидентите и да се гонат одговорните, а политичките партии да го исполнат тоа на што се обврзаа, потпишувајќи го кодексот за слободни и фер избори. Од кабинетот на еврокомесарот задолжен за Македонија, Оли Рен, изразија голема загриженост од случувањата, нагласувајќи дека станува збор само за почеток на кампањата. Портпаролката на Рен, Кристина Наѓ, не го коментираше тврдењето на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека бил цел на обид за атентат, туку генерално оцени дека за сите инциденти треба да се спроведе итна истрага. „Европската комисија ги повикува сите политички лидери, активисти и граѓани да сторат се' за да се спроведат фер и слободни избори, нешто што е природно за земја-членка која има амбиции за приклучување на ЕУ“, изјави Наѓ, потврдувајќи дека изборите се еден од клучните критериуми кога се оценува некоја земја, па ќе бидат сигурно дел од следниот извештај и процената за напредокот на Македонија.
Настаните во Македонија ги фрлија во сенка дури и реакциите околу изборите во Србија и според актуелноста беа на исто рамниште вчера со случувањата на релација ЕУ - Мјанмар. Затоа звучеа депласирано новинарските реакции на ветувањата што деновиве повторно и' беа давани на Србија, вклучувајќи го и давањето кандидатски статус, иако не ни почнала да ја исполнува Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Како можете да тврдите дека напредокот зависи од исполнување политички критериуми и го барате тоа сега од Македонија, а од друга страна и' ветувате кандидатски статус на Србија, која не ни почнала да ја исполнува Спогодбата, беше новинарската реакција на која Наѓ одговори како што се очекуваше, со технички вокабулар. „Почитувањето на европските вредности е валидно за секоја земја во процесот на евроинтеграција. Никој не ветува ништо без да бидат исполнети условите за тоа. Политиката на проширување е базирана на условеноста и тоа им е познато на сите“, одговори таа. |