18.07.2012, 17:02 Аеродром со цркви на секој чекор
Од макети, преку параклиси, па до вистински храмови никнаа за нецела година
Деспина Трајковска
Ако се суди по бројот на црквите што се изградија и допрва ќе се градат на подрачјето на општина Аеродром, градоначалникот Ивица Коневски и жителите на оваа општина испаднаа најголеми верници. Претходно речиси и да немаа верски објект во општината, а сега некој и не може да ги доброи. Од макети, преку параклиси, па до вистински храмови никнаа за нецела година. Најтазе случај е започнатата изградба на дури две цркви и тоа на релативно мало растојание. Едната што почна да се гради веднаш до паркот со авионот, а другата во Реонски центар, и двете како донација на приватни компании. Неодамна, пак, црквички-макети како декорација се поставија на преуредената раскрсница кај ТЦ „Скопјанка“, а веќе неколку месеци паркот „Јане Сандански“ го краси параклис „Свети Никола“. Деновиве, пак, интензивно привршува изградбата на параклисот кај „Мајчин дом“ и на оној на булевар „Србија“ во близина на бензинската пумпа на „Макоил“.
И дури овие цркви за кусо време станаа реалност за аеродромци, многумина од нив се прашуваат зошто Општината не ја доизгради црквата „Свети Илија“ кај поликлиниката Јане Сандански, која се најавуваше дека ќе стане централен верски објект во општината со сите придружни елементи. Таа почна да се гради пред повеќе од седум години, но, се' уште проектот не е реализиран до крај.
„Еднаш засекогаш на граѓаните треба да им стане јасно дека Општината не ги гради црквите, тие се проекти или на МПЦ или во нив инвестираат донатори. Општината во случајов единствено обезбедува локација за изградба на објектите. За конкретната црква надлежна е Македонската православна црква, вели градоначалникот Ивица Коневски, кој не се согласува со констатациите на дел од јавноста дека Аеродром се преплави со верски објекти. Посочува дека од сите досега изградени и допрва што ќе се градат, само две цркви реално ќе бидат на услуга на верниците. Онаа што се гради кај паркот со авион, која по желба на инвеститорот ќе го носи името на светецот „Јован Крстител“ и таа во Реонски центар -„Света Софија“.
„Во нив ќе можат да се служат верски обреди, да се одбележуваат празници. Сите други се или макети или параклиси“, дополнува Коневски кој истовремено нагласува дека во случајов ќе се задоволи потребата од верски објекти во општината која е населена со најголем процент христијански верници. |