12.12.2012, 16:11
Спогодбата за „Јужен тек“ е во завршна фаза, од „Макпетрол“ негираат



Министерот за финансии Зоран Ставрески оцени дека е во завршна фаза разгледувањето на спогодбата за приклучување на Македонија кон гасоводот „Јужен тек“ од руска страна и оти до крајот на јануари идната година треба да добиеме конечен одговор.

„Очекуваме до крајот на јануари идната година да добиеме повратен одговор и да ја потпишеме спогодбата. Тоа ќе овозможи да се спроведат останатите активности, како што се формирање заедничко претпријатие, изградба на кракот кон Македонија“, изјави вчера Ставрески.

Од „Макпетрол“, пак, негираат дека Македонија ќе се приклучи кон гасоводот со крак од соседството.

„Според моите информации и контакти со руски „Гаспром“, Македонија ќе биде дел од „Јужен тек“ , но не со нов крак туку преку постојниот гасовод, затоа што ќе бидеме мал потрошувач. За таа цел е потребно само да се изгради уште една компресорска станица во Бугарија со што ќе се зголеми капацитетот и количествата на гасот што ќе се испорачува“, рече директорот на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски, на вчерашната прес конференција. (М.Т.)