22.03.2012, 18:23

Палмите од „Камен мост“ преживеаја, на другите им нема спас

Дрвјата пет месеци беа чувани во затемнета просторија, во карантин во кој континуирано била одржувана потребната температурата

Деспина Трајковска



Ретко некој веруваше дека палмите засадени на градските плажи ќе преживеат повеќе од една сезона. Но, не само што и' пркосеа на зимата, туку и пораснале за еден метар. Благодарение на грижата на инженерите од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, 15 палми од градската плажата „Камен мост“ подготвено чекаат повторно да го красат левиот брег на Вардар.

Од денеска се очекува сите палми да бидат извадени на отворено откако презимуваа во затворена просторија во која „Паркови“ им обезбеди речиси природни услови за живот. Неполни пет месеци биле чувани во затемнета просторија во која 24 часа дувале „тајфуни“. Во карантинот континуирано била одржувана потребната температурата, па дури по потреба било палено и печка на дрва.

„Палмите ни беа како миленичиња, им посветувавме секојдневно внимание убедени дека може да ги вратиме во живот благодарение на нашите стручни лица. Така не само што ја преживеаја зимата туку со соодветната нега успеавме да ги пораснеме за еден метар“, вели Душан Авировиќ, директор на „Паркови“.

Тој објаснува дека во дел од просторот каде што чуваат расад и одгледуваат други растенија, само за палмите поставиле челична конструкција обложена со посебни најлон ќеси и друг материјал за изолација на стеблата. Просторот постојано бил затоплуван, а надлежните вршеле чести прихранувања на растенијата за да ги вратат во живот. „Сега, вели Авировиќ, откако деновиве сите ќе бидат извадени од карантинот под отворено небо, ќе бидат потребни две-три недели за да се адаптираат на надворешните услови. Тоа ќе биде доволен период за потоа палмите да се дислоцираат на градската плажа.

Сегашната состојба на палмите ги демантира гласиштата на поголемиот дел од јавноста дека нема да преживеат. Шумарски инженери коментираа дека нема да успеат поради несоодветната локација на која беа засадени, поради составот на земјата и, воопшто, начинот на кој се изведени жардиниерите. Коментарите беа резултат на видливото сушење на гранките, пожолтување на делови од стеблата, што е невообичаено за овие медитерански растенија.

Само две стебла од „Парк“ се спасиле

На палмите од плажата „Парк“, се чини, им нема спас. Од вкупно 15, само четири се' уште се живи. Дури, како што велат од „Паркови“, и покрај нивната грижа, тешко дека две од нив ќе бидат подготвени за оваа сезона. Не ги спасувало ништо, оти уште кога ги зеле биле во многу лоша состојба. Биле несоодветно засадени од страна на изведувачот на плажата, а често биле на удар и на несовесни граѓани.

„На поголемиот дел од нив очигледно некој им ги палел лисјата, дури им го поткопувал и коренот. Залудни беа нашите интервенции за спас“, коментираат од „Паркови“. За овие палми, неофицијално, градските власти потрошија 22.500 евра.