Си велам
Проклети да сте
Ерол Ризаов
Убиството на Мартин Нешковски е последица на режим
Проклети да сте.... ми го убивте детето. Овој стравотен лелек и тешка клетва на мајката на 22-годишниот Мартин Нешковски, кого го уби полицијата на Градскиот плоштад за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ на изборната победа, до болка ја открива трагедијата на македонската демократија. Момчето што сакало да ја слави победата на својата партија и сакало да се качи непоканет на бината, за тоа морало да плати со глава. Револуционерната партија почна да ги јаде своите деца.
Еве ја анатомијата на ова злосторство:
Убиството на Мартин Нешковски и особено она што се случуваше по грозоморниот чин е последица на владеењето на еден режим својствен на диктатури. Ароганцијата на власта и злоупотребата на полицијата и во овој случај ја покажува немоќта да се контролира партиска полиција, која не работи според професионални стандарди, туку според потребите на политичката олигархија. Во таков случај кога е важна само врхушката на власта, а се' друго е раја, може за најбанална работа да го загубите животот. А во посреќна околност да завршите в затвор. Се разбира, и во демократски земји се случува полицијата да ги пречекори своите овластувања и да употреби прекумерна сила. Но, два дена полицијата преку својот лажго да ја лаже најбезобѕирно целата држава дека не знаат што се случило, дека момчето го нашле мртво, дека се злоупотребува еден несреќен случај во политички цели итн, итн. Е, тоа не може да помине неказнето. Ако се случи таков обид за забошотување на најтешко злосторство, убиство на човек, тогаш сите во синџирот на хиерархијата што лажат, молчат и го кријат убиството, стануваат соучесници во злосторството. Откако јавноста дозна за тоа, неминовни се оставки, почнувајќи од првиот претпоставен на убиецот, преку неговиот началник, па оној лажго што секоја вечер изигрува недоветен, се' знае и ништо не знае, до министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која срамно молчеше до вчера за убиството прифаќајќи со тоа соучесништвото. Срамно молчи и премиерот Никола Груевски. Ако му требаат три дена да изрази жалење за убиството на член на неговата партија, ако не смее да и' погледа в лице на мајката на Мартин, која со радост само неколку часа претходно ги пребројуваше гласовите за него, тогаш како може да очекуваме Груевски да бара политичка и секоја друга одговорност кон оние што го извршиле убиството и оние што сакаа да го забошотат. Груевски не може да поведе таква истрага бидејќи ќе се открие дека тоа се последици на неговото владеење, на неговиот недостиг од демократски капацитет.
Она што се обидува Груевски да го направи деновиве е да се приближи до семејството погодено од страшната трагедија, ама и таму не смее да појде храбро и да изрази сочуство, туку праќа емисари, стравувајќи да не биде избркан. Сака со купување индулгенции да го испере и својот грев и гревот на своите најблиски соработници, кои ја ставија полицијата во улога на заштита само на одбраните. Обидот да се забошоти случајот преку контрола на медиумите блиски до власта, беше трагикомичен. Сите како папагали ги повторуваа зборовите на оној лажго од полицијата дека е тоа несреќен случај, дека е тоа лична и туѓа трагедија. Дека се злоупотребува во политички цели од опонетите на власта, дека се сака да се намали значењето на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ и слични гадости. Која туѓа трагедија црни новинари. Тоа е наша трагедија. Па кој го злоупотребува убиството на Мартин за политички цели, тие што го убија, што ги окрвавија рацете, тие што сакаа да го забошотат, да го прикријат убиството или тие што пишуваат дека е убиен млад човек на сто метри од бината каде што ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата.
Сиве овие небулози на пропагандистите и апологетите на власта ги однесе како меури од сапуница експлозијата на социјалните мрежи. Да живее интернетот. Контролата на медиумите отиде во аут за еден час. Дечките покрај своите компјутери ја покажаа силата и својата огромна моќ. Македонската демократија е во нивни раце. Почнува ли вистинската македонска пролет или ќе попричекаме до следното убиство? Ерупцијата како од вулкан се шири на скопските плоштади. Младиот Мартин Нешковски, невина жртва на режимот, станува симбол на борбата за демократија. Неговите другари и младите не само од скопските училишта, туку од целата земја бараат одговорност за убиството, бараат укинување на злогласните партиски полициски одреди, бараат демократија. По 6 јуни, Македонија не може да биде иста. Младите, конечно, гласно го побараа тоа што одамна го имаат нивните врсници во цела Европа. Бараат слобода и демократија. Тоа не е политика и партиска ујдурма. Тоа се насушен леб и вода за живот, кислород за слободно дишење. Досега во тоа не успеавме целосно. Младите ќе успеат. Чинам дека овој пат нема да дозволат да бидат изманипулирани Мартин Нешковски да биде уште една залудна жртва.
Вака почнаа работите и во Тунис кога полицијата понижи едно момче, продавач на овошје, со завршен факултет, кое се самозапали. Таа неправда ја покрена масата во целиот арапски свет каде што се прелеа чашата од репресиите на режимите и диктатурите избрани на демократски избори. Доста беше страв, крикнаа социјалните мрежи. Се наполнија плоштадите. Народот дојде по своето. Конечно, и кај нас мора широко да се отворат вратите на слободата и на демократијата.
Својот прв ден по победата, демократски избраните го почнаа со убиство и со спектакуларни апсења. Можеби постојат сто причини да му се суди на Љубе Бошкоски. Но, трансформацијата на Брат Љубе од национален јунак и херој, од македонски маченик, икона на македонштината, до предавник и подмитилив гангстер, јасно ја покажуваат улогата на македонската партиска полиција и на демократската власт. Додека Брат Љубе беше со власта беше опејуван во народни песни, авионите летаа во Хаг повеќе отколку на аџилак во Ерусалим. Секоја средба со хашкиот паталец носеше политички поени дома. Бакнуваше Брат Љубе македонска почва, гушкајќи се со Никола Груевски. Се' беше ОК до моментот кога Љубе кажа - сакам и јас власт и висока функција. Е, оттогаш почнува голготата. Му прати полицијата на Брат Љубе финансиска помош преку Јуда и го пикнаа в затвор. За исто дело некој може да помине со парична казна, а некој може да оди пет години в затвор. А ако во името на народот позајмите 220 милиони евра и злоупотребите дел од тие пари за изборна кампања, тогаш тоа е демократија. А несреќен случај е кога ќе убиете 22-годишно момче до бината каде што славите изборна победа и два дена ќе молчите и ќе ја лажете и јавноста и неговите родители и ќе се обидете да го скриете убиството. |