Тодоровски не го продава часовникот „ибло“, туку ќе го подари

"Утрински весник" понуди 50 долари за да го откупи, Тодоровски одлучи да го подари часовникот на СОС детското село

Даниела Трпчевска

Часовникот „ибло“ што го носеше на левата рака директорот за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски, место на продажба, ќе заврши како подарок за СОС-детското село. Само еден ден откако го понуди својот часовник на јавна продажба за само 50 долари, првиот човек за јавна безбедност се премисли. „Утрински весник“, преку портпаролот на МВР, Иво Котевски, изутрината се понуди да го откупи „фамозниот часовник“ за понудената цена, за при крајот на денот да пристигне одговорот од првиот човек за јавна безбедност.

„Часовникот ми беше подарен од семеен пријател и за мене има поголема емотивна вредност отколку материјална. Со оглед на медиумското внимание што го привлече, очигледно ја подигна и својата материјална вредност. Затоа одлучив да му го подарам на СОС-детското село, кое натаму може да го подари или продаде и добиените средства да ги искористи во полза на своите штитеници“, се огласи вчера Љупчо Тодоровски.

Скапоцениот часовник што се појави неодамна на левата рака на директорот за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски, го заскокотка интересот на јавноста. Неделникот „Глобус“ го отвори прашањето дали може полициски функционер да си дозволи да купи часовник во вредност од речиси 25 илјади долари, дали станува збор за оригинал, дали ваквата скапоценост Тодоровски ја пријавил во изјавите за својата имотна состојба, па дури и дилемите дали е платен данок за парите со кои е купен часовникот.

„Часовникот ’ибло‘ на директорот на Бирото за јавна безбедност е подарок од пријател, кој го купил од дуќан во Кина. Не станува збор за часовник од 20.000 долари, туку за реплика, која има само емотивна вредност“, изјави само еден ден потоа за „Дневник“ помошник-министерот за односи со јавноста, Иво Котевски. „Доколку некој е заинтересиран, може да го откупи за 50 долари“, додал тој.

Опозициската СДСМ вчера ги оцени ваквите изјави како обид да се забошоти аферата со луксузниот рачен часовник на високиот полициски функционер.

„Јавноста е згрозена од безобразноста на портпаролот на МВР, кој во услови на растечка сиромаштија си игра мајтап со вредноста на луксузниот часовник, обидувајќи се да го одбрани својот претпоставен. Ако е точно дека е фалсификат луксузниот часовник, во што не веруваме, Љупчо Тодоровски мора да понесе одговорност“, изјави портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ.

За партијата е спорно тоа што полицискиот функционер, кој пред медиумите запленува и уништува фалсификувана стока, и уште повеќе поднесува пријави против сторителите, користи токму фалсификувана и недозволива стока.

„Дали неговиот рачен часовник можеби е од земен од полициските депоа? Дали на ист начин Љупчо Тодоровски посегнува и по друг вид запленета стока“, прашуваат од СДСМ. Со оглед на тоа дека земјава презела обврска да ја штити интелектуалната сопственост и да спречи фалсификување и користење таква стока, опозицијата смета дека доколку часовникот е фалсификат, Тодоровски морал да го пријави случајот во Светската трговска организација, а министерката за внатрешни работи да го извести Интерпол.

Според високиот полициски функционер, „во недостиг од контрааргументи како за неколку години може да се смени имиџот на полицијата и таа да прерасне во меѓународно релевантен партнер во спречувањето на меѓународните канали за трговија со дрога, очекувано е СДСМ да се обиде да фабрикува афери“.

„Фактот дека не може да се најде црна дамка, како поранешното исчезнување на кокаинот од полициските депоа, не може да се прикрие со измислици конструирани во партискиот штаб“, вели Љупчо Тодоровски, одговарајќи на обвинувањата на опозицијата за аферата „часовник ибло“.

Како што објави неделникот „Гло��ус“, спортскиот часовник „хабло“ може да се купи за 24.900 долари, или по повластена цена, со голем попуст за само 18.700 долари. Од пред еден месец е официјален часовник на возачите на „Формула 1“.

Експертите за интелектуална сопственост со кои контактиравме вчера велат дека е тешко со голо око да оценат дали часовникот на Тодоровски е оригинал или фалсификат. Со оглед на тоа дека светот е преплавен со копии што се толку верни на оригиналот, што е речиси невозможно да се разликуваат, нашите соговорници велат дека само со експертиза може да се утврди за што точно станува збор.

„Репликите се фалсификати. Кривично дело е да купиш фалсификат, но не и да го носиш“, вели Валентин Пепељуговски, експерт за интелектуална сопственост. Согласно со македонските закони, додава тој, забрането е купување фалсификати. „Но, ако го добиете, на пример, како подарок и го задржите за себе, а не остварувате профит од него, тоа не е казниво“, тврди нашиот соговорник. „Имавме случаи кога беа откриени часовници ’ла кост‘ во Скопје, кои потоа ги праќавме во Франција на експертиза. Секоја фирма има свој таен код што го внесува на производите, по што се препознаваат оригиналите од фалсификатот“, укажува тој.

Најчесто проверките се прават во големи лаборатории во Германија, Швајцарија или Америка, кои се опремени толку добро како криминалистичките лаборатории. Овие лаборатории ги имаат кодовите за проверка, по што веднаш се откриваат и најдобро направените фалсификати. Понекогаш копиите се прават толку совршени што не може да се препознае

„Имавме две ситуации кога се сомневав дека станува збор за фалсификати поло-маички и часовници ’ла кост“во земјава. И во двата случаја испративме примероци на проверка во Франција, каде што докажаа дека, сепак, станува збор за оригинали“, укажува нашиот соговорник.

Најатрактивни за фалсификување, според познавачите на проблематиката, се часовниците „ролекс“, за кои се изработуваат верни копии и многу тешко се препознава дека се фалсификати. Светските фалсификатори се имаат извежбано и во правењето верни копии на чантите „луј витон“, кои експертите ги нарекуваат „златни копии“. „Толку се верни на оригиналот што речиси никој не може да ја види разликата, но се стотина пати поевтини“, велат нашите соговорници.


#