Немажени и неженети ќе плаќаат данок на државата?!
Информацијата не ја потврди ниту една владина институција
Јасмина Јовановска
Немажените девојки и ергените ќе плаќаат данок на државата ако задоцниле со склучување брак?! Проструи вест дека на девојките со полни 26 години и на момчињата со 28 години кои не успеале да стапат во брак, од платата ќе им се одбивале до 1.000 денари месечно?!
Оваа вест побуди големо интересирање во јавноста. Посебно ги вознемири вработените девојки и момчиња зашто оваа мерка би ги опфатила токму нив.
Неофицијални извори велат дека вакво изненадување се подготвувало како дел од популационата политика на Владата, а дека тоа би се вградило во дел од регулативата за семејните односи.
Сепак, идејата не беше потврдена во ниту една владина институција. Владата и Министерството за труд и социјална политика негираат дека постои таков предлог или иницијатива.
„Министерството за труд и социјална политика нема никаква иницијатива, ниту предлог немажените девојки и неженетите момчиња да плаќаат пенали на државата“, тврди категорично државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Душко Миновски. Да има таква идеја, додава Миновски, тие како надлежен ресор први би знаеле. Ова прашање не е отворено ни во Владата, а за Министерството за финансии, Миновски не знаеше.
Од Владата велат дека непотребно се шири ваква информација, бидејќи нема предлог немажените и неженетите да плаќаат данок на државата.
„Од Владата не излегол ваков предлог. Не се размислува за такво нешто. Информацијата веројатно излегла од Денот на идеите кои ги даваат граѓаните во Владата. На тој ден имаше еден граѓанин со ваква идеја, но засега од неа нема ништо“, изјави портпаролот на Владата, Шефик Дураки.
Добро упатени извори коментираат дека Владата можеби само го проверува пулсот меѓу народот, така што не се исклучува целосно данок за немажените. Вакви мерки за подобрување на наталитетот не се ништо ново во другите држави. Во Бугарија, на пример, данок на државата плаќаат ергените, а и брачните двојки кои немаат деца. Слични популациони мерки се практикуваат и во Франција.
Засегнатите девојки и момчиња од Македонија сметаат дека не можеме да се споредуваме со други држави, а особено не со Франција каде што стандардот е далеку повисок од нашиот.
„Не е исто на некој од 6.000 денари плата да му се одбива 1.000 денари. Сосема поинаку е ако некој заработува и до 2.500 евра плата па да му се земаат, на пример, 100 евра“, реагираат немажените и неженетите. |