Друцас ја нападна Македонија во ОН
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчкиот шеф на дипломатијата, Димитрис Друцас, голем дел од говорот во ОН го посвети на спорот околу името со Македонија, изјавувајќи дека Грција ја завршила својата домашна за преговорите и сега чека македонската страна да го исполни својот дел. Друцас остро и' забележа на македонската Влада дека се обидува да купи време и да избегне побрза разврска на спорот.
Според Друцас, неопходно е двете страни да покажат волја и да се најдат на половина пат, надминувајќи ги проблемите што ги разделуваат во однос на спорот за името.
„Грција го изоде својот дел од патот. Единственото фер и трајно решение за проблемот може да биде име со географска одредница за севкупна употреба“, истакна шефот на грчката дипломатија. На тој начин преку говорницата на Генералното собрание на ОН ги зацементира грчките црвени линии, алудирајќи дека од грчка страна е направен компромис, бидејќи до пред неколку години Атина беше цврста во ставот да нема користење на терминот „Македонија“ во новото име.
Во излагањето на Генералното собрание, Друцас повтори дека Македонија претставува голем географски регион, чиј најголем дел е во Грција. „Еден мал дел од тој регион е во БЈРМ и еден уште помал дел во Бугарија. Тој мал дел не е доволно силен за да ги претставува останатите и за да си даде ексклузивитет во користењето на терминот ’Македонија‘“, додаде Друцас, според кого, така само се потхранува национализмот во нашата држава.
Друцас го претстави спорот и во меѓународни рамки, оценувајќи го како регионален со длабоки историски корени, кој е тесно поврзан со добрососедските односи, а не само билатерална тема или мала караница околу историски симболи, како што го претставуваат некои страни. Потенцираше дека одбрал да говори за овој спор на Генералното собрание, кое е форум за решавање на меѓународните несогласувања, со цел да ја истакне подготвеноста на Грција да се најде решение што побрзо можно.
Притоа, од говорницата тој го повика Груевски да покаже лидерска одговорност и да почне да соработува со Грција за да помогне за напредок во спорот наместо да троши време и средства за избегнување решение и создавање непријателска клима. За грчкиот министер за надворешни, напредокот во спорот ќе резултира со светла иднина за билатералните односи и тоа во рамки на Европската унија. „Ова е иднина, која наскоро се надеваме дека ќе стане реалност“, потенцираше Друцас. |