Осигурувањето возила ќе поевтини - отштетите нема да се намалат?
Брокерите тврдат дека цените за штети се фиксно утврдени и независни од премијата
Александар Пешев
Владата предложи намалување на трошоците за регистрација на моторните возила, со тоа што ќе се намали премијата за задолжителното осигурување. Според Министерството за финансии, попустот ќе се оствари преку неодамна формираната Комисија за осигурување моторни возила, во која членуваат претставници на Владата, како и претставници од осигурителни компании и друштвата за осигурување.
„Владата донесе одлука во која се бара од Комисијата да ја намали премијата за автоосигурување за 30 отсто во рок од неколку месеци“, појаснува портпаролот на Министерството за финансии Мартин Мартиновски. Тој изразува надеж дека со оваа одлука на Владата возачите ќе се однесуваат поодговорно.
„Се очекува поголем број од оние граѓани што ги немаат регистрирано своите возила по оваа одлука да го направат тоа. Од друга страна, МВР, која врши контрола, ќе преземе соодветни мерки да се намали бројот на нерегистрирани возила во сообраќајот и ќе биде поригорозна во казнувањето. Ова ќе претставува позитивна мотивација за граѓаните и зголемена контрола од полицијата“, тврди Мартиновски.
Дел од граѓаните се скептични во врска со оваа одлука на Владата, плашејќи се дека намалувањето на премијата за задолжително осигурување за триесетина отсто би ја намалила и сумата што би ја добивале оштетените возачи при евентуална сообраќајна незгода.
Претставници од осигурителни компании и осигурителните брокери тврдат дека ваквиот попуст не би требало да го намали евентуалниот надомест кој му следува на осигуреникот при евентуално оштетување на возилото. Осигурителните брокери тврдат дека цените за штети се фиксно утврдени и независни од премијата.
„Ако некој ми го скрши фарот на возилото, кој чини 5.000 денари, тогаш согласно со осигурителната полиса треба да ми бидат исплатени 5.000 денари во форма на отштета. Цената на отштетите не би требало да се намали со самото намалување на премиите“, објаснува еден од осигурителните брокери.
Од Националното биро за осигурување засега се недостапни за повеќе детали околу тоа како ќе се изврши поевтинувањето и дали тоа ќе предизвика загуби и за осигурителните компании и за државата.
Дел од осигурителните компании не се информирани за планот на Владата. Други, пак, засега одбиваат официјално да коментираат. |