Парното во Скопје поскапе за 60 отсто
Исклучување на парното се врши за два часа и чини педесетина евра
Деспина Трајковска
Писмено барање за исклучување на парното греење и трошоци од околу 50 евра е постапката низ која мора да помине секој корисник на топлинска енергија кој сака да се исклучи од системот на Топлификација „Скопје-Север“ или пак АД „Топлификација“. Оваа можност уште од пред десетина дена почнале да ја искористуваат се' поголем број граѓани приклучени на системот на „Скопје-Север“, кои заедно со АД „Топлификација“ од вчера и дефинитивно со одлука на Регулатнорната комисија за енергетика од наредниот месец ќе наплаќаат поскапо парно за 30,25, односно 60,35 отсто повеќе од досегашната цена.
Тие што планираат да се исклучат од системот на АД „Топлификација“, а не живеат во станот ќе мора да плаќаат 50 отсто од сумата. Според објаснувањето од АД „Топлификација“, исклучените граѓани ќе треба да плаќаат, бидејќи ќе добиваат топлина од цевките што минуваат низ нивниот стан и од соседните станови.
„Доколку, пак, некој се исклучи од системот, а живее во станот, нема да плаќа ниту денар“, тврди Димитар Хаџимишев, директор на АД „Топлификација“. Тој посочува дека ваквата експертиза за паушална наплата е стара дваесетина години и е изработена од експерти од Машинскиот факултет, а одобрена од Уставниот суд.
Рекордно поскапување: претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Славе Ивановски (во средина)
Од топлификација „Скопје-Север“ потврдуваат дека уште од минатата недела кога се најавуваше поскапување на парното од ден на ден расте бројот на граѓаните кои сакаат да се откажат од услугата. Постапката, велат надлежните, е едноставна. Со потпишано барање и негово приложување на некој од пунктовите на топлификација, корисникот е регистриран и во рок од 15 дена екипите ќе излезат на терен и ќе го исклучат корисникот од системот. Имено, потребно е само испуштање на водата од цевководниот систем и блокирање на ребрата на радијаторите, зафат, велат надлежните, кој не трае повеќе од два часа. Тие предупредуваат дека исклучувањето од системот, сите заинтересирани треба да го направат пред официјалниот старт на грејната сезона, која започнува на 15 октомври.
„Во текот на сезоната исклучувања не вршиме, бидејќи зафатите можат да предизвикаат некаков испад во системот. Единствено исклучување правиме при некоја итна состојба“, додаваат надлежните, кои потенцираат дека не можат да прецизираат колку чини еден стан да се исклучи од системот. Имено, сумата зависи, пред се', од тоа на кој кат се наоѓа станот, врз основа на што се прави математика за трошоците за испуштање на водата од цевководниот систем. Во сумата се пресметува и блокирањето на грејните тела со посебен механизам, кое чини 300 денари за еден радијатор, а се наплаќа и фиксен трошок за екипата што го изведува исклучувањето. Според пресметки од „Скопје-Север“, стан на приземје, кој има четири радијатори, ќе треба да плати околу 2.200 денари. Цените за исклучување се речиси исти и за корисниците на АД „Топлификација“. |