Министри, извадете ги налозите од фиока

Од ССК предупредија дека ако државата не се раздолжи до крај, јавно ќе ги прозват министрите што не враќаат долгови

Соња Маџовска

Министрите вчера добија писма од бизнис-заедницата да ги извадат сите неплатени налози што им стојат во фиоките и да ги предадат во Министерството за финансии за конечно да се раздолжат со фирмите. Кои се непослушните министри кои речиси по два месеца не одговараат на повиците да ги испратат фактурите?

Стопанствениците порачуваат дека не смее да запре процесот на исплата, кој по една година застој, конечно, се помести од мртва точка, а толку бомбастично го најави минатата недела и министерот за финансии, Зоран Ставрески. Од Сојузот на стопански комори предупредуваат дека доколку не се заокружи наплатата на побарувањата во најбрзо време, јавно ќе ги прозват министрите што молчат и не ги враќаат долговите. Сепак, никој не открива за колкава сума станува збор, односно колку му е вратено и уште колку државата му должи на стопанството.

„Им испративме писма на сите министри дека мора да си ги намират долговите кон стопанството и да проверат дали имаат ненаплатени налози. Доколку не го сторат тоа во најбрзо време, јавно на прес-конференција ќе ги повикаме со име и презиме кои се тие што не ги сервисираат обврските спрема фирмите. А јавно на крајот од секој месец кога фирмите извршуваат уплата по основа на ДДВ, ќе соопштуваме колку уплатиле, а колку побаруваат поврат. На оваа операција за расчистување на долговите заедно со неколку министри работиме веќе еден и пол месец и не смее да запре тој процес“, откри вчера за „Утрински весник“ претседателот на ССК, Златко Калеников.

Тој истакна дека стопанствениците се задоволни од тоа што Владата, конечно, почна да ги расчистува долговите што ги заглавија фирмите оваа година во лавиринт во кој секој секому должеше. Владата им должеше на фирмите, а тие меѓу себе ги трупаа долговите, а доцнеа и со исплатата на обврските кон банките. Бизнис-заедницата порачува дека ова не смее да се повтори. И од ССК и од Министерството за финансии потврдуваат дека повратот на ДДВ добро оди, барем така беше минатиот месец, но дека се' уште стојат некои стари долгови во министерствата за завршени работи од страна на фирмите. Владата си го поставила 1 ноември како рок за исплата.

ССК спровела и анкета меѓу фирмите за да се уверат како оди наплатата. Опфатени биле 60 отсто од нивните членки, а од нив 80 отсто потврдиле дека Владата им ги вратила долговите, а 20 отсто се пожалиле дека има некои министерства кои се' уште им должат за одамна завршени работи. Во меѓувреме, се знае дека Министерството за внатрешни работи расчистило со долговите спрема фирмите.

Се поставува прашањето зошто мораше да се чека да поминат толку месеци во кои сите се испозаглавија до гуша и од каде власта најде пари?

Од Министерството за финансии не откриваат колкав бил долгот и кои се непослушните министри. Само соопштуваат дека исплатата е резултат на доброто полнење на буџетот. „Веќе три месеци едноподруго приходите во буџетот се поголеми од проектираните. Цел квартал приходите по основа на ДДВ го натфрлаат планираното со буџетот за оваа година, податок што особено радува, бидејќи ДДВ е главен репрезент на вкупната економска активност во земјата. Значи, подобрена е економската активност, а со тоа и ликвидноста во економијата. Фирмите уредно ги намируваат своите обврски кон државата, што овозможува и државата, без застои да ги исплаќа своите обврски спрема стопанството. Определба на Министерството за финансии и на оваа Влада е редовно и уредно да ги сервисира обврските кон стопанството, на тој начин одржувајќи ја ликвидноста во економијата“, изјавија вчера од Кабинетот на министерот за финансии. Инаку, Ставрески неодамна ја кажа само официјалната бројка за вкупните расходи во буџетот, според кои заклучно со ноември државата намирила во маса на пари околу сто милијарди денари по основа на поврат на ДДВ и на достасани фактури за фирмите во Македонија.

Од Стопанската комора на Македонија, пак, велат дека дури кон крајот на месецов ќе можат да кажат дали нивните членки се задоволни со исплатата на долговите од страна на државата, бидејќи моментно спроведуваат анкета. (С.М.)


#