04.10.2011, 17:57 Реплики
Демократија има, нема јунаци
Соња Крамарска
Црвенковски и Груевски се два авиони за кои ние очекуваме да се судрат за да видиме кој е посилен, но тоа не се случува од проста причина што тие летаат на различни висини
СДСМ добива многу критики за пасивност кои доаѓаат дури и од нивниот камп односно од невладините организации што се блиску до левицата. Црвенковски, кој се покажа како неприкосновен лидер, добива уште поголеми критики, а во јавноста и на социјалните мрежи веќе се води отворена дебата дали има доволно демократија во СДСМ која ќе дозволи да се постави прашање за неговата одговорност за поразот на јунските парламентарни избори. Тонот на дебатата особено се засили откако анкетите покажаа дека изборниот резултат во јуни не бил моментно расположение на гласачите или набрзина купен од страна на Груевски, туку поддршката кон актуелната Влада продолжува и по изборите.
Но, не е проблемот во тоа дали има демократија во СДСМ. Демократија таму има. Ниту во СДСМ, а ниту во другите партии некој настрадал затоа што си кажал мислење или затоа што го прозвал партискиот лидер. Никој нема да биде линчуван ако го постави прашањето за улогата и позицијата на Црвенковски во СДСМ. Никој нема ниту да биде протеран од кампот на социјалдемократите за такво прашање. Меѓутоа, проблемот е во конформизмот кој го сакаат сите. Не сакаат да се замерат со лидерот, затоа што може да ги загубат позициите. Е таков ризик никој не сака да преземе. И во тоа е главниот проблем во СДСМ и на сите политички партии во Македонија. Нема јунаци за тешки битки и за правење пресврти.
Вистинската дебата во СДСМ и во општеството, сепак, треба да биде не дали СДСМ е доволно демократска партија за да изведе смена на лидерот (статутот и процедурите тоа го дозволуваат), туку дали Црвенковски може да го порази Груевски. Тоа треба да биде основата на сите дискусии кога се прави анализа на позицијата и улогата на опозицијата во денешно време. Особено откако Груевски продолжи и по изборите до педа да ја спроведува неговата политика која ја критикува СДСМ и со која е на власт веќе шеста година, но паралелно со тоа продолжува и поддршката што му ја даваат граѓаните.
Тоа не е политички феномен како што сакаат некои да го прикажат, туку сигнал дека општеството или е целосно освоено од Груевски или се наоѓа во сосема нова генерациска, политичка и историска фаза, која наметнува нови правила на игра и бара други профили на политичари кои се на различни страни но се на исто ниво кое овозможува да дојде до продуктивен судир меѓу нив.
Но, она што во моментов, односно во последните две години се случува е следново: Црвенковски и Груевски се два авиони за кои ние очекуваме да се судрат за да видиме кој е посилен, но тоа не се случува од проста причина што тие летаат на различни висини. Координатите на Црвенковски и Груевски се сосема различни и затоа нема никогаш да дојде до вистински судир. Тие се две дијаметрално спротивни фигури и генерациски, и по структурата на личниот профил, и по технологијата на владеењето. Имаме премиер кој секој ден го смета за изборна кампања и кандидат за премиер или кандидат кој ќе назначи премиер, кој не излегува од својата канцеларија на „Бихаќка“. Груевски од секое фрлање лопата издава опширно соопштение, Црвенковски во најголема тајност замина во Њујорк на политички средби.
Тоа не значи дека СДСМ треба да се претвори во копија на ВМРО-ДПМНЕ ниту пак Црвенковски да се идентификува со Груевски. Само значи дека социјалдемократите ако сакаат да победат една силна и организирана структура како што е ВМРО-ДПМНЕ, треба најпрвин да ги засилат своите арсенали. Да си ја подобрат муницијата. Од повеќе причини Црвенковски иако е еден од најталентираните политичари на овие простори, не е е муниција со која може да биде соборен Груевски. Црвенковски е муниција со која социјалдемократите пукаат во празно. Не станува збор за лични капацитети, поткованост, харизма и политичка култура - кои сите ги поседува Црвенковски, туку станува збор за генерациска и политичка разлика. Иако во јавноста добро се чувствува нивниот политички па дури и личен антагонизам, од аспект на политиките што ги водат, тие се разминуваат а не се судираат.
Како политичка личност Црвенковски има направено потези кои ќе му обезбедат позитивно место во историјата. Како пратеник во првиот состав на македонскиот парламент тој е еден од потписниците на иницијативата за распишување референдум за независна Македонија. Тој е вториот премиер на Македонија по осамостојувањето, а со стапувањето на таа функција на 29 годишна возраст е најмладиот премиер во Европа. Како премиер и политичар Црвенковски тогаш ја промовираше идејата за учество на партиите на Албанците во владите на Македонија, што се покажа како неопходен принцип за функционирањето на државата.
Во периодот од 1994 до 1998 додека Црвенковски беше премиер Македонија успеа да стане членка на повеќе меѓународни организации, како што се Обединети Нации, ОБСЕ и Советот на Европа. Црвенковски е исто така потписник на првиот договор со Меѓународниот монетарен фонд и со Светската банка. Црвенковски, заедно со претседателот Борис Трајковски, тогашниот премиер Љупчо Георгиевски и партиските лидери на Албанците Арбен Џафери и Имер Имери е потписник на Рамковниот договор со кој е смирен воениот конфликт во 2001.
Но, како што велат, времето однесува и донесува. Македонија сега живее еден националистички период во кој главната улога ја игра Груевски и кој не сега туку подоцна ќе се покаже дека е катастрофална грешка за која цената ќе си ја плати народот. Како што впрочем и досега се покажа многу пати низ историјата, и во Србија и во далечното опкружување. Големо прашање е дали Црвенковски може да ја извади Македонија од тој филм, или е потребен нов политички лидер, од поновата генерација кој ќе го испрати Груевски таму каде што завршија некои други балкански "вжештени глави".
Многу лидери се нашле во слична ситуација како што е Црвенковски сега. Веројатно и самиот е преокупиран со прашањето дали да се повлече или да остане. Оставката е инаку чин што се заснова на лична одлука, но исто така може да послужи и како политички маневар. Во 1995 британскиот премиер Џон Мејџор поднесе оставка на лидерското место на Конзервативната партија, со цел да ги неутрализира критиките против него во партијата и во јавноста, и за да го обнови својот авторитет. По оставката тој повторно се врати во игра и повторно беше избран. Тони Блер, во 2007 година даде оставка од лидерското место на Лабуристичката партија во Велика Британија, во миговите кога неговата премиерска и лидерска слава беше најголема.
Оставки имаат поднесени и други славни политички личности, како британскиот премиер Гордон Браун, по поразот од лабуристите, германскиот претседател Хорст Келер по гафот при посетата на Авганистан, италијанскиот лидер Романо Проди. Оставките не значат политички пораз туку соочување со ситуација и соодветно реагирање на околностите. |