20.12.2012, 17:43 Поглед
Индијана Џонс и македонскиот буџет
Мирче Јовановски
„Можеби во Македонија го нема Индијана Џонс, но изгубениот ковчег со државни пари некој некогаш ќе го најде. Прашање е само чии отпечатоци ќе има на ковчегот“. Со оваа реплика на пратеничката од СДСМ, Радмила Шекеринска, која всушност беше одговор на дофрлање на пратениците од владејачката коалиција, популарниот филмски лик доби улога во расчистување на сметките околу владините трошења на јавните пари, а кои опозицијата сака да спречи да се повторат.
Дел од дебатата за владиниот предлог за буџетот за 2013 година беа и „солзите на Макрадули“, „плачкото Влатко“, ноктето на Благородна (Дулиќ), убиството на Мартин Нешковски и застрелувањето на Диме Ицковски-Поштарот, судскиот епилог за млекарот Душко Илиевски, како и кој колку придонел за пензионерите и што (не) изградил. Сето ова се случуваше завчеравечер на седницата на Комисијата за финансирање и буџет која заврши дури вчера во раните утрински часови. Куриозитет е што и на ова продолжение формално се расправаше за амандманот на Гордан Георгиев за автобуски постојки. Наместо за амандманот јавноста имаше можност преку Собранискиот канал да следи сочни реплики меѓу Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Радмила Шекеринска од СДСМ. Во еден момент состојбата се закани да излезе од контрола кога Димовски, додека на говорницата беше Шекеринска, му дофрли на претседавачот Мисовски: „Ќе те спружам на насловна страна“.
„Ваква закана не прифаќам“, реагираше Мисовски, додавајќи дека за инцидентот ќе го информира и претседателот на Собранието. Во дофрлувањето се вклучи и пратеничката Силвана Бонева, која реакцијата на Димовски не ја сметаше за закана, а се надоврза Шекеринска со констатацијата дека „Димовски е в.д. уредник на многу медиуми“.
Шекеринска обвини дека преку рекламни кампањи, Владата ја финансирала кампањата за ланските избори.
„Во ек на кампања, пет дена пред изборите за еден ден се потпишани 29 договори за реклами во вредност од 317 милиони денари или 5 милиони евра. Дали е тоа случајно?“, рече Шекеринска. „Па, Бранко Лустиг да го викневте и Спилберг и Лукас, со помалку пари ќе поминевте“, обвини таа, мавтајќи со листови хартија. Таа обвини и дека слично сценарио власта подготвува во предложениот буџет и дека за локалните избори сака да потроши 200 милиони евра што нема да помине кај опозицијата.
Во една од репликите, Димовски објасни дека сегашната Влада направила многу повеќе од она што го правеле владите на СДСМ. Поединечно набројувајќи ги проектите за изградба на многу објекти, училишта, спортски сали, градинки, како и набавката на опрема за здравството, автобуси итн., тој рече дека на таков начин всушност се поттикнува домашната економија, при што детално го опиша патот на парите.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да помине уцената што ја правите“, рече Димовски имајќи ги предвид амандманите кои ги предложи опозицијата, кои според него се причина буџетот за наредната година да не се донесе навреме и така да дојдат во опасност ветените зголемувања на пензиите, социјалната помош и другите владини проекти.
„Вие сакате да го блокирате буџетот за да создадете хаос, но тоа нема да ви го дозволиме“, рече Димовски отфрлајќи ги обвинувањата дека задолжувањето било зголемено.
„Тврдите дека задолженоста во апсолутен износ се зголемила, но не споменувате дека е дуплиран домашниот бруто-производ и дека исто така се речиси удвоени и девизните резерви“, рече Димовски додавајќи дека опозицијата не кажува дека во изминатите седум години Владата отплатила кон странство 700 милиони евра, од кои половината биле направени во време на мандатот на СДСМ.
|