02.05.2012, 16:59 Мое ќоше
СДСМ WANTED
Ерол Ризаов
Како се чувствува Никола Груевски кога секој ден ја гледа во медиумите својата листа на непријатели
Повторно медиумите ги објавуваат листите на најголемите злосторници и непријатели на Македонија. Со слика и текст се жигосани луѓе како тешки криминалци и душмани на татковината. Нивниот непростлив грев е што некогаш имале, меѓу другото, и политичка функција и биле членови на СДСМ. На вмровските објави и катил фермани недостасува само онаа црвена линија преку сликата на која би пишувало како на Дивиот Запад Wanted, се бара, фатен, или ликвидиран, сеедно. Лидерот на најпатриотската револуционерна партија Никола Груевски, претпоставувам, многу е задоволен и добро се чувствува кога ја гледа секој ден својата листа на предавници што ја објавува во весниците, не знам со чии пари. Недостасуваат уште наградите за секоја глава, жив или мртов, и да тргнат во потера ловците на уцени.
Луѓето на вмровските црни листи имаат семејства, деца, родители, роднини, пријатели. Некои ги познавам лично, а некои со своето творештво и работа имаат сами повеќе направено за Македонија отколку целото политбиро, или како што тие го нарекуваат Управен одбор на ВМРО-ДПМНЕ, кој колективно, на сите членови, нема повеќе од две страници биографија, а веќе испорачуваат злосторнички листи до јавноста за да ја зачуваат власта, а и за нешто друго. Не верувам дека во прашање е само омраза. Негативната кампања е веќе испробана тактика на ВМРО-ДПМНЕ. Дење викаат на цел глас за обединување, единство и сенародно движење, пуштаат нов бран, а ноќе од своите комшии подготвуваат црни листи на непријатели. Она што посебно загрижува е леснотијата со која се посега по навреди, по клевети, да се избербати и понижи најчесто измислениот противник. Велам измислен политички противник затоа што еден дел од луѓето на вмровските црни листи од поодамна не се, освен симболично, политички активни и не се присутни во јавноста. Од друга страна, речиси на сите, со неколку исклучоци, политиката не им е професионална ориентација и главна работа во животот. Но, тоа на стратезите на револуционерната и патриотска партија не им пречи навредливо да ги наречат своите сограѓани непроменливи и вечни кои ништо не направиле во животот и не оставиле ниту едно трајно дело. Се надевам дека нема да дознаат нивните деца за срамот на своите татковци.
ВМРО-ДПМНЕ влегува веќе во седмата година на неограничено владеење, па според постигнатите резултати, има потреба да се оправдува со жигосување други луѓе за она што не е направено кога биле на власт. За она што не го направиле претходниците гласачите ги казниле, им ја скратиле довербата. Шест полни години не беа малку време да го направи ВМРО-ДПМНЕ тоа што не успеале да го направат оние што биле пред нив како што велат цели 20 години. Но, токму тука се крие и најголемата лага. Во последните 15 години, ВМРО-ДПМНЕ е 10 години на власт. Во тие 15 години, Македонија требаше да доживее напредок и развој, да се европеизира, како и поголемиот дел од нашите соседи. Во овој период не се оствари ниту една стратегиска цел. Ниту се направи поголем демократски исчекор, ниту се овозможи подобар, поквалитетен живот, повисок стандард, ниту се отворија повеќе работни места, ниту почна процесот на европеизација, ниту влеговме во ЕУ, ниту во НАТО, ниту го дочекавме владеењето на правната држава. Се создаде само повеќе сиромаштија, беда, безработица и бесперспективност. Ете затоа ни требаат листи на предавници, душмани, кодоши, соседи, странци.... за да не се видат сопствените грешки и промашувања.
Ако се прават листи со повеќе дух и смисла на хумор, веројатно најпривлечна листа би била онаа за најсилно освежување на сите досегашни власти. Има неколкумина јунаци и големи дејци кои се незаменливи, во периодот на це��ата транзиција, а и пред тоа. Играат во секој тим. Одработуваат педантно се' што сака да слушне владетелот. Штом дојде промена на власта, еве ги со нов договор и нова идеологија. Е, тоа се вистински политичари кои први дојаваа и на новиот бран. Луѓето знаат да сурфаат и на најголемите далги. И то... |