02.01.2012, 11:19 Почина Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија
Погребот на Претседателот Глигоров ке се изврши утре на градските гробишта во Бутел во 12 часот во кругот на потесното семејство како негова желба
Соња Крамарска
Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија, почина во неделата вечер околу 22 часот. Имаше 94 години. Смртта се случи во неговиот дом на Водно, каде на гости му беа двете ќерки Донка и Лиле. Иако со ослабено здравје и драматично нарушена физичка кондиција, неговата смрт не беше очекувана за семејството. Тој, таа вечер, гледал телевизија, а ќерките постојано го нуделе со вода и сок. Тој рекол дека му се спие и дека ќе оди малку да дремне. Набргу потоа, семејството го нашло мртов.
Претседателот Глигоров пред десетина денови бил на лекување во скопската клиника, но бил пуштен дома. Неговите соработници од канцеларијата која ја одржуваше како поранешен претседател, редовно го посетуваа на Водно, како што велат, заради консултации. Последната средба била во петокот навечер, два дена пред смртта на Глигоров. „Наздравивме со шампањско и кавијар за новата 2012 година. Направивме заедничка фотографија. Претседателот беше во одлично расположение“, вели претставник на неговиот кабинет. Договорот бил штом ќе помине зимата и ќе се стопли времето, Глигоров да се врати во неговата канцеларија во Градскиот трговски центар.
Но иако Глигоров не го напушташе желбата за работа, неговата физичка кондиција беше многу ослабена. Тој едвај се движеше, односно одеше стапка по стапка. Одбиваше да носи бастун или други помагала. Смртта на сопругата Нада, го натажи и го повлече во осаменост која го забрза стареењето. Сепак неговата фигура остана исправена и покрај големите тешкотии при движењето.
„Утрински весник“ пред неколку дена се обиде да дојде до информации за здравствената состојба на господинот Глигоров, особено по гласините дека не е добар со здравјето и дека се наоѓа на лекување во Клиничкиот центар во Скопје, но неговите блиски неволно зборуваа за тоа. Семејството сака и закопот на Глигоров да се одржи со најмал можен публицитет, иако тоа е невозможно за политичка легенда како што е тој, и високите функции што ги извршуваше во Македонија и во поранешна СФРЈ.
Глигоров веќе неколку години не одеше на консултации во Париз, каде редовно патуваше по операцијата на неговото око и на главата кои настрадаа при неговиот атентат во 1995 година. И покрај староста, ги прифаќаше поголемиот број на покани за присуство на државни настани, а неговото излегување во јавноста секогаш предизвикуваше внимание. Му приоѓаа луѓе, го прашуваа како е, го потсетуваа на нивното познанство. Глигоров никогаш не заборави ниту една личност со која имал соработка или близок контакт.
Во последно време, откако старечката немоќ станала видлива, тој одбегнувал да се појавува во јавноста, бидејќи, велат неговите блиски, му било непријатно да го гледаат неговите граѓани во таква состојба. Но умот го служеше до крај иако поголемиот дел од разговорот го водеше за минатато отколку за некакви идни случувања и прогнози.
Смртта на првиот претседател на самостојна Македонија Киро Глигоров, одекна и дома и во регионот. Наши колеги велат дека им се јавиле колеги од сите соседни земји да прашаат дали веста е точна. Глигоров, без претерување може да се каже, е единствениот пост-југословенски и еден од ретките југословенски политичари од македонско етничко потекло, за кој се дозна и надвор од границите на нашата земја. Претседателот на САД Бил Клинтон во 1999, без заобиколување му рече дека Америка очекува тој да се кандидира за уште еден мандат за претседател на Македонија.
Глигоров до крајот на својот живот им остана верен на своите про-левичарски политички убедувања, и за тоа трпеше жестоки напади од десничарките кругови на земјата. Го напаѓаа за приемот на Македонија во ОН под референцата ПЈРМ или ФИРОМ, како и за Времената спогодба со Грција, иако како што може да се види и од извадокот на интервјуто што го даваме на нашите страници по повод на неговата смрт, договорот со Грција е всушност основата за денешната победа во Хаг.
Иако будно ги следеше политичките случувања и обвинувањата на негова сметка, Глигоров ниту еднаш не се вклучи со свои коментари или објаснувања.
Глигоров уште пред четири години во најтесен круг на свои пријатели и поддржувачи рекол дека сака неговиот закоп да помине скромно и без голема помпа. Тоа го ставил и како одредба во неговиот тестамент. Ќе биде погребан во Алејата на великаните, на местото каде што биле донесени пред седум години посмртните останки на неговите родители од Белград, а во ист ред со Михаило Апостолски, Крсте Црвенковски, Љупчо Арсов.
Првиот претседател на Независна Република Македонија, Киро Глигоров почина синоќа во сон во 95 година од животот. Информацијата утрово ја потврдија од Кабинетот на Глигоров.
Два мандата Беше претседател на самостојна Република Македонија во периодот кога се создаваше првата самостојна македонска држава. Во својата богата политичка кариера од политичар до државник извршуваше голем број функции во поранешна Југославија, но историјата го памети и како записничар на АСНОМ кога е оформена Федерална Македонија. Во 1996 година беше жртва на атентат кој и ден денес е голема енигма. Граѓаните на Македонија го сакаат својот прв претседател и со голема почит му приоѓаа секогаш кога беше во нивна близина.
Киро Глигоров е роден во Штип на 3 мај 1917-та. По Втората светска војна извршувал и голем број високи функции во Владата на СФР Југославија. Меѓудругите, бил и заменик претседател на Сојузната влада, како и секретар за финансии.
По пензионирањето Киро Глигоров беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател - „Македонија е сe што имаме“ (2001), „Атентат - ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“.
Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции.
На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.
На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Се уште не се познати ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот.
Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.
Погребот на Претседателот Глигоров ке се изврши утре на градските гробишта во Бутел во 12 часот во кругот на потесното семејство како негова желба. |