Инспектори го тресат Рамковски, А1 обвинува за упад
УЈП обвинува за милионски проневери во повеќе фирми на „Перо Наков“ б.б., МВР најде 100.000 евра
Горан Адамовски
Милионски проневери во работењето на фирмите поврзани со сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, откриле инспекциските служби во целоноќниот претрес во документацијата на шест фирми лоцирани на улицата „Перо Наков“ б.б. во скопската населба Маџари.
Чешлањето во документацијата на фирмите беше проследена со бура од негодувања и обвинувања од вработените на А1, чие седиште се наоѓа на истата адреса, дека бил извршен упад во телевизијата и дека на новинарите не им било дозволено слободно да си ги извршуваат работните задачи. Дел од нив тврдеа дека биле тепани од полицијата, но од МВР демантираат, ограбувајќи ги новинарите да пријават доколку биле удрени, со цел насилните полицајци да бидат санкционирани.
Од МВР информираат дека вчераутро, во стан во населбата Чаир, сопственост на еден од управителите на фирмите на „Перо Наков“ б.б., биле пронајдени и одземени неколку компјутери и околу 100.000 евра во различни валути и различни апоени.
„Се претпоставува дека биле изнесувани од просториите на ’Перо Наков‘ б.б. во текот на денот додека инспекторите беа изолирани во одредени простории во објектот. Според оперативните сознанија, биле изнесувани од возачи, но се' уште се работи за прибирање дополнителни докази по судската наредба, која беше обезбедена синоќа“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Во тек се консултации, по што се очекува кривична пријава против инволвираните. Инаку, како што неофицијално се дознава, станува збор за лице што е во роднински врски со Рамковски. Во МВР не сакаа да ги потврдат ниту да ги демантираат ваквите гласишта.
Откако се смири состојбата, вчерашниот ден во А1 мина во состаноци меѓу вработените како да продолжат натаму. Се прераскажуваа бурните четврточни случувања, кога инспекциските служби на Управата за јавни приходи и Финансиската полиција со полициска асистенција се обидуваа да извршат увид во работењето на дел од 40 фирми, колку што егзистираат на таа адреса. Телевизијата обвини дека во четвртокот вечерта бил извршен упад во А1 поради нивните критички прилози против работењето на Владата. Таа драматична вечер, во дворот од телевизијата се собраа роднини на вработените и низа опозициски функционери, кои во отворената програма на А1, обвинуваа за „смрт на демократијата“.
„Околу еден часот по полноќ, народот што дојде да ни изрази поддршка, се разотиде, а и ние се подготвуваме да заминеме. Само десетина минути подоцна, слушнавме силна врева во просториите долу, излеговме со камера да снимаме и прашавме што се случува. Полицајците ме оттурнаа, по што еден од припадниците на обезбедувањето на А1 им рече да бидат повнимателни. Полицајците насилно се однесуваа со него“, вели Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на А1.
Како што велат новинарите во А1, полицајците ги скршиле катанците во просторијата каде што било сместено сметководството. Од телевизијата се жалат дека им бил блокиран компјутерскиот систем и дека само мал пад на системот ќе ја остави телевизијата без сигнал.
Весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ од денеска нема да излегуваат. Печатницата е еден од спорните објекти, чие работење е пломбирано.
„Не знаеме зошто е пломбирано ’Време‘. Не смееме да влеземе во канцелариите“, вели Коле Чашуле, главен и одговорен уредник на „Време“. Новинарите беа пуштени дома, а нивните претпоставени ќе ги известеле сите меѓународни фактори за „упадот во демократијата“. Директорот на УЈП, Горан Трајковски, демантира дека „Време“ бил затворен, констатирајќи дека весникот бил излезен во продажба и се дистрибуирал.
И во МВР демантираат дека на новинарите на А1 им било попречувано да си ја вршат задачата, потенцирајќи дека телевизијат�� не била цел на инспекцијата. „Дали медиумот и новинарите знаеле дека на нивната адреса функционираат повеќе фирми, дали знаеле за дејноста со која се занимаваат овие фирми или тоа намерно било прикривано од нив, дали знаеле за евентуалните малверзации во овие фирми или биле измамени и изманипулирани од некого, за да застанат во одбрана на нечии финансиски интереси, спротивно на новинарскиот етички кодекс и зошто медиумот и новинарите, откако беа информирани дека се работи за контрола во фирми, кои воопшто не се поврзани со медиумот, не отстапија и не им овозможија на службените лица без притисоци да ги извршат задачите“, праша Јанкулоска.
Фирмите на „Перо Наков“ б.б. вчера беа посетени и од Државниот инспекторат за труд, но инспекторите не ја добиле целокупната документација. „Согласно со процедурите, на правните субјекти им е даден рок да ја достават до понеделник“, изјави директорот на Државниот трудов инспекторат, Горан Јовановски. Министерот за труд и социјална политика, Џељаљ Бајрами, истакна дека од тоа како правните субјекти ќе постапат ќе зависат и мерките што ќе бидат преземени. „За дел од лицата, кои се затекнати, нема пронајдено или немало кој да приложи документација потребна за контролата на Инспекторатот на труд“, вели Бајрами.
Случувањата на „Перо Наков“ б.б. вчера предизвикаа низа реакции на разни здруженија и асоцијации. Центарот за развој на медиуми и Инфоцентарот сметаат дека полицијата извршила упад во просториите на А1, со што „сериозно се кршат основите демократски принципи и човекови права“.
Од МИМ имаат поинаков став. „А1 беше злоупотребена поради интересите на сопственикот на телевизијата и во политички цели. Сопственикот има обврска да и' објасни на јавноста зошто дозволи новинарите од А1 да бидат ставени во функција на неговите лични интереси“, се вели во соопштението од Македонскиот институт за медиуми.
Од Здружението на новинарите побараа МВР да и' соопшти на јавноста дали имало пречекорување на овластувањата и дали новинарите биле оневозможени во извршувањето на своите професионални задачи.
ЗНМ бара од сопствениците на медиумите во Македонија да бидат пример за почитување на законите и соработка со институциите на системот.
Членовите на Советот за радиодифузија побараа институциите на системот да овозможат непречено извршување на професионалните задачи на новинарите, но и медиумите и нивните сопственици да овозможат непречен пристап на сите надлежни институции до сите информации од нивниот делокруг на работа. (Г.А.) |