26.07.2012, 20:45

Кој седи во скутот на ВМРО-ДПМНЕ

Опозицијата повторно реагира на доцнењето на премиерот, Никола Груевски

Гордана Дувњак

Неинтересен собраниски ден беше вчерашниот кој беше посветен на пратенички прашања. Едвај присуствуваа триесетина народни избраници до паузата за ручек, а од нив повеќето се занимаваа со читање весници и со сурфање на Интернет, а згора на тоа требаше да поминат цели три часа до поставувањето на првото ново прашање.

Опозицијата повторно реагираше на доцнењето на премиерот, Никола Груевски кое овој пат изнесуваше скоро 50 минути. Социјалдмократите побараа од спикерот Трајко Вељаноски да реагира до премиерот да не го потценува институтот пратенички прашања.

„Груевски не си ја заработува дневницата за која е платен. Секаде доцнењето на работа се казнува“, коментираше пратеничката на СДСМ, Весна Бендевска. Вељаноски одговори дека токму Бендевска влегла во салата дури откако седницата почнала, на што таа кажа дека дошла половина час предвреме.

Покрај доцнењето на премиерот, почетокот на пратеничките прашања го одложи занимавањето на пратениците со добиените одговори на прашања поставени на претходните седници. Ѕвезда на денот беше пратеникот Изет Зекири од партијата на Руфи Османи, кој десетина пати излезе на говорница, незадоволен од добиените одговори од првите луѓе на ресорите за министрите за образование, здравство, земјоделство.

Неговите дискусии предизвикаа бурна реакција кај пратениците од ДПА.

„Денешната седница е невидена маскарада, пратеникот Изет Зекири на оваа шовинистичка и националистичка влада, на оваа антиалбанска влада и' овозможи да промовира непостоечи проекти во албанските места и да се фали со тоа. Овој пратеник ја зема улога на ДУИ. Ова не се случило до сега во Парламентот. Овој пратеник и оваа партија прават кворум за мнозинството, и ги помагаат сите чекори на власта“, рече Имер Алиу од ДПА.

На Зеќири, кој доаѓа од партијата на Руфи Османи му порача да се насочи кон ДУИ. Но, рече, додека е Невзат Бејта таму, не можат, па затоа, рече, нека се наредат кај ВМРО-ДПМНЕ.

Најмногу време на седницата беше потрошено околу земјоделските субвенции. Пратеникот Зекири го обвини министерот за земјоделство за етничка и регионална селективност.

„Земјоделските субвенции имаат развојна компонента и не се даваат по етничка, партиска или каква било друга основа. Секој заинтересиран може да биде нивен корисник доколку ги исполнува условите“, рече ресорниот министер Љупчо Димовски.

Според Димовски, особено се внимава при распределбата на државната поддршка, а тоа, меѓу другото, го потврдува и фактот дека онаму каде што доминантното население не го зборува македонскиот јазик, се отпечатени обрасци на албански, ромски, турски,..., за да можат земјоделците да конкурираат.

„Изнесувате груби невистини, сакате да измислите дека поддршката се дели по некаква етничка основа што е сосема погрешно. Бидете сигурен дека и вие како и останатите 171.000 земјоделци, ако се пријавите и ги исполнувате критериумите ќе добиете субвенции“, му рече министерот на пратеникот Изет Зеќири од НДП кој претходно обвини дека субвенциите немаат развоен карактер, ниту се распределуваат како што треба.

Со субвенциите, како што оцени Зеќири, се купуваат гласови и се поттикнува развој само на одредени региони. Како пример ги посочи вардарскиот и полошкиот, едниот, рече, добивал повеќе, а другиот помалку.

Министерот, пак, се обиде да го демантира пратеникот со бројки, па информираше дека во Гевгелија лани се исплатени 110 милиони денари, во Гостивар 92 милиона, во Дебар 45 милиони, во Демир Хисар 25, во Куманово 268,5 милиони денари, во Струга 57,6 милиони денари, а во Тетово 224,6 милиони денари. Дали овде гледате каква било селективност и по која било основа? Апсолутно нема, не постои, рече Димовски.

Горан Сугаревски од СДСМ е незадоволен од одговорот на министерот за образование, на прашањето зошто градоначалникот на Долнени не им ги исплаќал патни трошоци на наставниците.

„За каурите нема патни трошоци кажува градоначалникот, а вие не реагирате и не му ги одземате надлежностите“, обвини Сугаревски.