Поглед
Учебници од СФРЈ
Жаклина Хаџи-Зафирова
Во средните стручни училишта се' уште се учи од скрипти уште од времето на СФРЈ, кои се стари и по повеќе од 20 години. Во исчекување на новите учебници, кои ги најави ресорното министерство, средните стручни училишта се снаоѓаат онака како знаат и умеат. Но, состојбата не е таква насекаде, бидејќи во некои средни стручни училишта веќе пристигнаа новите учебници.
Директорите го поздравуваат потегот на Министерството да се обезбедат учениците со сосема нови, бесплатни учебници. Но, каде и како ќе бидат дистрибуирани новите учебници не се знае, особено затоа што моментно се испечатени само 100 од вкупно 536 учебници, колку што се потребни за да се покрие целото средно стручно образование. Прашање е и кога ќе пристигнат останатите учебници, кога веќе помина цел месец од почетокот на учебната година.
Досега неколку пати пропаѓаше конкурсот за учебници за средно стручно образование, поради тоа што немаше доволно заинтересирани автори за да ги напишат книгите. Тоа беше причина што неколку пати беше објавуван конкурсот за овие учебници. А, додека се чека на новите учебници, учениците се мачат со препишување и фотокопирање на старите книги за да можат да ја следат наставата.
Над триста ученици во средното стручно училиште „8 Септември“ учат од скрипти и од учебници стари уште од времето на СФРЈ што се напишани на српско-хрватски јазик. „Уште ги немаме добиено новите учебници ниту за општообразовните ниту за стручните предмети“, велат во училиштето.
За разлика од ова училиште, во угостителското „Лазар Танев“ веќе ги добиле учебниците за четиригодишното средно стручно образование, со исклучок на учебникот за Агенциско работење за трета година. „Добро е што по 20 години, конечно, имаме учебници, што е големо олеснување“, велат одговорните. |