Уште еден месец за купување дворови

Државата молчи за предлогот на ЛДП да се пролонгира рокот за откуп за две години

Билјана Ангеловска


Уште малку време остана до истекот на рокот во кој граѓаните можат да аплицираат за откуп на дворното место по цена од едно евро за квадрат. Сите оние што нема да поднесат барање за приватизација на земјиштето до 27 јануари, по тој датум ќе треба да плаќаат наемнина за земјата под куќите и околу нив.

Неодамна Либерално-демократската партија предложи рокот за откуп на дворовите по 61 денар за квадратен метар да биде продолжен за уште две години, со цел граѓаните што досега не успеале да поднесат барања од разни причини да имаат доволно време да го сторат тоа. Од ЛДП ваквиот предлог го образложија со големиот интерес кај граѓаните за откуп на дворовите, но, пред се', поради долгата процедура и обемната документација потребна за да се заврши процесот на приватизација на државното земјиште. Дали државата размислува да ја прифати сугестијата на ЛДП и евентуално да им даде уште една шанса на граѓаните да си ги купат дворовите за евтини пари, останува нејасно.

„Барањето на ЛДП е доказ дека оваа владина мерка е добра и оти граѓаните имаат корист од неа. Крајниот рок за аплицирање за откуп на дворно место е крајот на јануари“, беше кусиот одговор што го добивме од Министерството за финансии, без конкретно да се каже дали воопшто се размислува за пролонгирање на рокот.

Од Кабинетот на Зоран Ставрески не' информираа дека постои голем интерес за откуп на дворно место за едно евро квадрат. Од септември лани, кога стартуваше продажбата на државното земјиште по минимална цена, па заклучно со ноември оваа година биле поднесени вкупно 30.060 барања од физички лица, од кои 27.000 веќе биле решени.

Процесот на приватизација на државното земјиште се одвиваше многу бавно уште од почетокот на целиот процес. Освен цената, која реално беше многу висока, па мнозинството граѓани не беа во можност да ја платат, голема пречка претставуваше обемната документација неопходна за утврдување на фактичката состојба на земјиштето, како и долгата процедура во подрачните единици. Државата ја намали цената на квадратот земјиште, што, сепак, не го зголеми многу интересот за откуп на дворовите. Тоа само покажа дека голем проблем претставуваат сложената постапка и обемната документација. Оттаму, следниот чекор беше токму во таа насока.

„Граѓаните што сакаат да извршат откуп на државното земјиште треба да се обратат во општинските канцеларии на Управата за имотноправни работи и да поднесат доказ за идентификација, каков било доказ дека имаат корисничко право на земјиштето и писмена изјава дека сакаат да го откупат земјиштето. Управата ги обезбедува копиите од катастарски план, уверението за движење на имот и изводот од урбанистички план, односно најскапите документи во целата процедура“, велат од Министерството за финансии потенцирајќи дека на овој начин максимално е поедноставена постапката и на граѓаните им останува само да поднесат барање за откуп пред истекот на рокот и на тој начин да ја искористат поволноста со евтиниот квадрат.


#