02.05.2012, 17:14 Тројца пукале во жртвите
Тројца директни извршители и двајца партнери, кои им помогнале да пребегаат во Косово, добија кривични пријави за тероризам
Горан Адамовски
Двајца од тројцата осомничени кои го извршиле петкратното убиство кај Смилковско Езеро се во бегство. Уапсен е еден од нив, како и двајцата помагачи, кои им помогнале да пребегаат во Косово. Ова се последните неофицијалните информации од истрагата на МВР. Полицијата поднесе кривични пријави за тероризам против овие пет лица, а уште петмина се осомничени за нелегално држење оружје, откако во нивните домови беше пронајдена муниција и оружје. Против десетмина е поднесено поднесок и се' уште се собираат докази против нив за да може и тие кривично да се гонат. Според Министерството за внатрешни работи, дваесетина уапсени се дел од група што го поддржува радикалниот ислам и прецизно избирајќи го денот, начинот и последиците кои би можеле да следат, го испланирале и го извршиле незапаметеното злосторство, без воопшто да имаат каква било поврзаност со жртвите. Целта им била да предизвикаат страв и несигурност на населението. Сите уапсени, кои се на возраст од 24 до 54 години, денеска беа однесени пред истражен судија, кој се очекуваше да им одреди притвор. Обвинителството веќе најави дека ќе побара максимална казна.
„Полицијата поднесе кривични пријави против пет лица поради основано сомнение за сторено кривично дело тероризам, од кои две се во бегство“, изјави министерката Гордана Јанкулоска.
Според информациите од истрагата, 27-годишен скопјанец и двајца браќа од Скопје на возраст од 32 и 33 години, со автомобил „опел омега“ дошле кај Смилковско Езеро и со две автоматски пушки и пиштол свирепо ги егзекутирале петтемина рибари. Потоа, со автомобилот стигнале до местото Вражји Вир, а со помош на двајца скопјани, илегално ја минале границата со Косово. Едниот од браќата и уште еден извршител на злосторството се во бегство. Нема информации дали тие се' уште се во Косово, ниту, пак, кога еден од сторителите се вратил во земјава. При претрес на неколку објекти во Скопје, запленети се автоматска пушка, четири пиштоли, бомба, куршуми за „црна стрела“ и „тромблон“, шест рамки за автоматска пушка, десет маскирни униформи, седум тактички елеци, три фантомки и три радиоврски, возило, десетина илјади евра, компјутери, мобилни телефони и картици.
„Во тек е вештачење на оружјето, по што ќе биде познато дали меѓу запленетото оружје е и она со кое биле извршени убиствата“, рече Јанкулоска.
Поднесен е и посебен извештај за 10 лица до Основното јавно обвинителство и за нив ќе се побара краткотраен притвор додека се соберат потребните докази против нив. По апсењата во Скопско и во Кумановско, полицијата нема дилеми дека дваесетчлената група го организирала и го извршила петкратното убиство. Колку време се подготвувал нападот и дали затаиле безбедносните служби, кои не го превенирале крвавиот инцидент?
Во МВР немаат директен одговор, туку велат дека тероризмот и во светски рамки не се открива лесно и потенцираат дека сите служби на министерството будно ја следат ситуацијата, внимавајќи да не дојде до влошување на ситуацијата. Бидејќи истрагата е се' уште во тек, не се соопштува ниту од каде се финансирала групата и дали планирале слични напади како тој на Смилковското Езеро.
Најголем дел од дваесеттемина уапсени се македонски државјани. Откако ноќта кон понеделникот ја минаа на распит во неколку полициски станици, утринава беа изведени пред истражен судија. Распитот, кој почна пред пладне, се очекуваше да трае до доцна во ноќта, по што се очекуваше на осомничените, меѓу кои и четири жени, да им биде одреден притвор.
Акцијата за апсење на бруталните убијци ја извршија 800 припадници на полицијата. Надлежните се уверени дека имаат несобор��иви докази со кои успешно ќе ја заклучат истрагата, која, како што велат, се' уште е во тек. |