Еден загинат и петмина повредени кај Стража

Тешката сообраќајна несреќа се случила на непрегледен свиок, каде што се судриле две возила

ГОСТИВАР - Стружанец загина, а пет лица се повредени во директен судир на две патнички моторни возила што се случи на западната магистрала Гостивар - Кичево, на два километра пред преслапот Стража. Според зборовите на Елејса Алији, истражен судија во Основниот суд Гостивар, на благ и непрегледен свиок, завчера околу 19 часот директно се судриле две возила. Од Кичево кон Гостивар се движел автомобилот „опел вектра” со швајцарски регистерски таблички, управуван од 24-годишниот Б.А. од кумановското село Опае. Во критичниот момент возачот претекнувал камион „мерцедес“ на полна линија, додека од спротивната страна наишло „ауди 3”, управувано од 26-годишниот Петко Бандески од Струга, кој директно удрил во него. „Аудито“ од силниот удар се вртело 16 метри на патот и допрело на десниот брег на патот и повторно застанало на тркалата.

Возачот на „аудито“, стружанецот Петко Бадевски, од здобиените повреди починал на самото место, а неговите сопатници Ж.М. (21) и Д.Л. (16) од Струга се здобиле со скршеници и се пренесени на лекување во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид. Во „опел вектрата“, покрај возачот, со потешки и полесни повреди се здобиле и сопатниците С.А. (21. и И.А. (24) од кумановското село Опае. Повредените по укажаната лекарска помош во гостиварската болница, поради сериозноста на повредите, пренесени се во скопските клиники.

Додека траеше увидот, сообраќајот еден час беше блокиран во двата правца, а потоа три часа се одвиваше наизменично по една коловозна лента. По наредба на истражен судија, извршена е обдукција на телото на загинатиот возач.

Според првичните сознанија на истрагата, причина за оваа тешка сообраќајна несреќа е непрописно претекнување. (К.К.)


#