На Ејми Вајнхаус и' се заканува инвалидска количка

Мојата убава Ејми има емфизем, изјави таткото на Вајнхаус, а Пит Доерти да стои понастрана од неа

Трпеливиот татко на Ејми Вајнхаус обелодени дека пејачката е болна од емфизем и дека за еден месец би можела да се најде во инвалидска количка доколку не се откаже од дрогата. Во своето последно емотивно интервју, Мич Вајнхаус, кој е таксист по професија, изјави дека лекарите ја предупредиле неговата ќерка, која минатата недела беше однесена во болница, дека би можело да биде принудена постојано да носи маска за кислород за да преживее ако не ги следи советите од лекарите. „Бесмислено е да се мисли дека таков би можел да биде животот на мојата прекрасна 24-годишна ќерка. Но, ако дрогата и' е поважна отколку нормално да дише, тогаш така нека биде“. Болната Ејми беше изолирана од надворешниот свет во обид лекарите да откријат во што е проблемот. „Меѓутоа, лекарите и' кажаа дека ако се врати на старите навики, тоа нема само да и' го уништи гласот туку и ќе ја убие“, рече тој.

Вајнхаус минатата недела колабираше во својот дом во северниот дел на Лондон. Нејзината здравствена состојба го доведе во прашање настапот на концертот по повод роденденот на Нелсон Мандела во Хајд парк закажан за петок, но се јави и загриженост дека би можела да отсуствува и од Гластонбери следниот ден. Мич Вајнхаус упати апел до нејзините дилери на дрога и пријатели-зависници, како и до рокерот Пит Доерти, кој минуваше подолго време со 24-годишната пејачка откако минатиот месец беше пуштена од затвор, да бидат понастрана од неа. „Апелирам до дилерите на дрога, а тие знаат кои се, дека ако ја снабдуваат Ејми, тогаш мора да преземат одредена одговорност. Не сакам повеќе да се дружи со луѓе како што е Пит Доерти“, рече загрижениот татко.

Тој откри дека 26-годишниот сопруг на пејачката, Блејк Филдер, кој чека изрекување судска пресуда откако се изјасни за виновен за нанесување тешки телесни повреди и планирано искривување на правдата, ветил дека ќе се одвикне од дрогата и секојдневно и' се јавувал „за да и' помогне да остане силна“. „Блејк ми се извини за тоа што ја навлекол Ејми на дрога и рече дека ќе се обиде да ја исправи грешката. Тој беше чист кога го видов и ми рече дека сака да оди на рехабилитација. Го организиравме тоа, па веднаш што ќе излезе од затвор, ќе се подложи на рехабилитација. Сака да почне од нула. Многу му е тешко во затвор, но барем се труди“, изјави Мич.

Емфиземот, кој вообичаено е предизвикан од пушење, е оштетување на белите дробови, при што болниот се бори за здив. Штетата предизвикана од болеста е неповратна и често доведува до тоа болниот трајно да користи маска за кислород. Педесет и седумгодишниот татко, кој ја напуштил проблематичната сопруга уште кога Ејми била тинејџерка, вели дека неговата ќерка е во „почетна фаза на болеста“. „Лекарите рекоа дека ако продолжи да живее на начин на кој живееше досега, ќе заврши како инвалид, нема да може да диши. Поради консумирањето кокаин и цигари, белите дробови и' се разјадени и користи само 70 отсто од нивниот капацитет“.

Кај Вајнхаус, која минатава година доживеа два напада, исто така беше констатирано и неправилно чукање на срцето кога беше примена во приватната лондонска болница „Клиник“, но сега таа состојба се контролира со лекарства. Пејачката е очајна да сврти нова страница во својот живот и вети дека ќе остане чиста, па неодамна се вклучи и во програмата за одвикнување од дрога. Меѓутоа, нејзиниот татко признава дека стравува оти таа ќе им се врати на старите навики кога ќе биде пуштена од болница, каде што е под 24-часовен надзор од медицинско лице, и дека ќе биде „мртва“ за три месеци. „Моето семејство е критикувано поради тоа што не се ангажирало доволно за да и' помогне на Ејми. Некои велат дека треба да ја заклучиме во соба и да ��о фрлиме клучот, но тоа е спротивно на законот. На наш начин правиме најдобро што можеме, а сме насочувани од лекарите и психолозите. Се' уште не е време за плачење. Ако, не дај боже, лекарите речат дека не можат да и' помогнат, тогаш ќе биде времето кога ќе плачеме. Но, ако не и' се врати на дрогата, тогаш таа може да има извонреден живот, заедно со нејзиниот сопруг Блејк, ако и тој се откаже од дрогата“. Таткото на Ејми уште додава: „Се молиме тоа да биде изборот што ќе го направи. Изгледа одлучно. Во неа ја видов повторно мојата стара Ејми. Но, ќе видиме колку е голема нејзината одлучност“, изјави тој за „Сандеј мирор“.