5 прашања
Партиските идентитети ќе решаваат на изборите

Ќе се промени составот во Собранието, но не толку драматично, мисли Ило Трајковски, професор на Филозофски факултет
Жаклина Хаџи-Зафирова
Македонија се' уште не може да се отрезни од шокот во Букурешт. Колкав беше тој неуспех?
Букурешт е неуспех не само на Владата туку и на цела Македонија. Така и треба да го доживуваме затоа што Грција не искористи вето против Владата на Груевски, бидејќи истото ќе го направеше со секоја друга влада, како што тоа го прави во изминативе 17 години. Треба да се соочиме со реалноста дека имаме сосед кој не сака да не' гледа дека постоиме. Неуспехот е на целата нација. Можеби не подеднакво, можеби власта треба да го носи товарот на грб, затоа што со политиката што ја водеше од 2006 година наваму и' олесни на Грција да го направи тоа.
Дали предвремените парламентарни избори беа вистински одговор за поразот?
Факт е дека власта најавуваше и пред тоа предвремени избори, значи независно од исходот од Букурешт, таа планираше избори веќе две години. Сметам дека овие избори се резултат, пред се', на односите во политичките партии. Тие не се регуларно свикани да ги оставите граѓаните да избираат опција, туку станува збор за чисто политичка ситуација за да ги искристализираат меѓу себе работите. Поточно, да се провери рејтингот на политичките партии и уште еднаш како нација да се преиспитаме што сакаме во однос на конфликтот со Грција. Мислам дека и покрај тоа што велиме дека ќе застане малку процесот, исходот, генерално, ќе биде добар.
Меѓу власта и опозицијата постојано се води жестока полемика околу тоа кои се предавници, а кои патриоти. Дали изборите ќе бидат судир на два концепта: европски и патриотски.
Мислам дека и во оваа ситуација граѓаните ќе се однесуваат согласно со своите партиски идентитети. Тоа гласачко тело на оние со јасна политичка определба во Македонија е околу 30 отсто. За мене, таа поделба меѓу патриоти и Европејци е типична предизборна рамка. Не е издржано префрлувањето на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ не се патриоти, поради нивниот став во врска со името, како што не држат овие другите префрлања од страна на опозицијата дека другите се популисти, неразумни итн. Одлуката на граѓаните нема да биде по линија патриоти-предавници, туку ќе се потпрат на своите партиски идентитети.
Последните анкети покажаа речиси тројно поголем рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ. Дали така ќе биде на изборите?
Убеден сум дека СДСМ ќе издејствуваат многу повеќе, бидејќи ќе се актуализира резервниот партиски идентитет што постои, а не се манифестира постојано. Тоа е стабилно партиско тело, кое повторно ќе се мобилизира, особено сега со најавите за враќањето на претходно отцепената НСДП кон СДСМ. Но, се' зависи од предизборната кампања. Прогнозирам дека ќе се промени составот во Собранието, но не сум убеден дека ќе биде така драматично како што се очекува. Ако се суди според досегашните анкети, кои може да ги прифатиме како прилично релевантни, може да се очекува дека изборните резултати ќе бидат поповолни за ВМРО-ДПМНЕ. Ако не се случи тоа, тогаш лидерот треба да понесе одговорност зошто свикал предвремени избори, а ништо не добил. Иако процентот што очекува да го добие Груевски веројатно нема да биде во таа мера колку што тој лично е популарен, бидејќи сосема друга работа е популарноста на партијата и листите. Овој парламентарен состав, според мене, беше еден од најслабите во историјата на македонскиот парламент. Граѓаните веројатно нема да бидат толку среќни да ги видат на листите истите лица.
Фер и регуларни избори се наведуваат како уште еден критериум за Македонија за добивање датум за преговори.
Тоа не е нов критериум, постојано се укажува дека ако сакате во друштвото на демократски земји морате да организирате фер и демократски избори. Очекувам изборите да бидат фер и демократски според досегашните ситуации. На пример, и претходно изборите во албанскиот блок почнаа жестоко, а на крајот, сепак, завршија цивилизирано.
|